Американецот Џејсон Мико, голем поддржувач на македонската кауза, во својата најнова колумна „Љубовта меѓу Коѕијас и Османи и други факти“ им се обрати на Македонците со пораката „Сега е време да бидете единствени и да кажете јасно, со еден глас: ‘Ние сме Македонија. Ние сме Македонци’“.



„Следењето на вестите од Македонија овие денови е како да пиеш вода од противпожарно црево. Прво, го имавме Законот за јазици, кој овозможува албанскиот јазик да се кориси низ целата земја спротивно на Охридскиот рамковен договор, за кој во 2001 година ни беше кажано дека ќе го означи крајот на албанските барања. Многу луѓе тогаш безобразно нè лажеа. Да се надеваме дека претседателот Иванов ќе стави вето и/или дека Уставниот суд ќе го прогласи Законот за неуставен. Како и да е, секој закон што ќе биде изгласан сега може во иднина да биде поништен. Имајте го тоа секогаш предвид.

Потоа, го имавме договорот за ‘добрососедски односи’ меѓу Македонија и Бугарија, кој беше ратификуван во македонското Собрание со најтесно можно мнозинство. Во исто време, Бугарија го презеде ротациското претседавање со Европски совет и најави дека ќе почне да ја употребува времената референца БЈРМ за да ѝ се обраќа на Македонија. Бугарија, исто така, одбива да го признае постоењето на одделен македонски јазик или национален идентитет. Толку од нејзиното ‘добрососедство’.

А потоа, го имаме и таканаречениот спор за името. Грчката Влада сега бара од Македонија секое ново име да мора да биде користено ерга омнес, вклучително и внатре во Република Македонија, што ќе значи менување на македонскиот Устав. Минатата недела портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, за солунското Радио 94,5 изјави дека „ќе има промена на уставното име, за да се сретнеме на половина пат и да постигнеме решение“. Промената на името и на идентитетот со прифаќање на ‘меѓународно’ име е неприфатливо за кој било народ на планетата Земја. Промената на името и на идентитетот со промена на Уставот може единствено да се нарече – предавство.

Во други вести останувам убеден дека нешто не е в ред со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Медиумите јавија дека 20 дена исчезнал од јавноста, а го немаше ниту на социјалните мрежи. Конечно, се појави во четвртокот, на 11 јануари, во Солун, на средба со грчкиот министер Никос Коѕијас, што е чудно, ако имаме предвид дека само два дена претходно, на 9 јануари, Коѕијас во Атина имаше средба со вицепремиерот Бујар Османи за истото прашање. Кој е вистинскиот министер за надворешни работи на Македонија? Во исто време, Димитров за грчката ТВ 21 изјави дека ‘изразот Македонија не ѝ припаѓа експлозивно (ексклузивно) на Грција или на ‘Македонија’, бидејќи се однесува на поширока географска област и оттаму вистинскиот одговор на прашањето на иредентизмот е да се почитува принципот на неексклузивна употреба“ и дека изразот „Македонија треба да се користи од двете земји подеднакво“. Овој чекор е многу чуден, бидејќи ќе ги разгневи меѓународните претставници, кои притискаат Македонија да ги смени своето име и идентитет без оглед на цената што ќе ја плати, а во исто време со сигурност ќе ги разгневи Грците. А самите Грци имаат доволно свои проблеми, имајќи предвид дека 68 проценти од нивните граѓани се спротиставуваат зборот ‘Македонија’ да се употребува од страна на… Македонија. Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, лидер на Независни Грци, помалиот коалициски партнер во Владата на Ципрас, побара да се спроведе референдум за спорот со поранешна југословенска Република Македонија. Според грчкиот весник ‘Катимерини’, тој и неговата партија се на став дека зборот ‘Македонија’ не смее да се користи од страна на Македонија, што дополнително ги комплицира работите во грчката Влада и во преговорите.

Од друга страна, министерот Коѕијас не ја крие својата љубов кон македонскиот вицепремиер Османи. Во интервју за грчката телевизија АНТ 1, Коѕијас го испофали ставот на Османи во врска со можниот референдум во Македонија: ‘Двете славомакедонски партии во своите платформи се обврзуваат да се спроведе референдум. Но, оваа обврска ја нема во платформите на албанските партии. Господинот Османи, кого со задоволство го очекувам во посета утре, тој е вицепремиер на Владата, доаѓа од најголемата албанска партија и рече дека не е многу умно да се спроведе референдум…“. Во ова долго, но одлично интервју на англиски, Коѕијас навлегува во многу други детали за проблемите што грчките политички партии ги имаат околу спорот за името. Притоа, нормално е дека грчката Влада повеќе ги сака ставовите на Албанците од Македонија, на кои, искрено, не им е многу гајле за македонското име.

Едно прашање, кое почна бавно да се појавува во вестите, анализите и коментарите околу спорот, е прашањето на идентитетот. Тоа би требало да биде главното и централно прашање. Димитров самиот зборуваше на оваа тема кога конечно се појави во јавноста и за Ројтерс изјави дека ‘јасно е дека идентитетот е многу важен за нас’. Јас, сепак, ова би го преформулирал – идентитетот не е многу важен, идентитетот е од клучно значење. Посредникот на Обединети нации, Метју Нимиц, во интервју призна дека ‘идентитетските прашања’ се од големо значење за ‘северниот сосед’, што е чудно, ако имаме предвид дека во август 2017 година за Би-би-си изјави дека ‘ние само разговараме за име на оваа држава кое ќе се користи во дипломатски цели. Тоа нема да влијае на обичните граѓани. Не преговараме за идентитетот. Да преговаравме за идентитетот, јас ќе се повлечев’.

Сè на сè, Македонците се соочуваат со неверојатни предизвици овие денови. Но, мора да останете силни и да се држите заедно, бидејќи во спротивно, разделени ќе бидете лесно поразени. Ова не е време за колебање, за расправии или за меѓусебни борби. Сега е време да бидете единствени и да кажете јасно, со еден глас: ‘Ние сме Македонија. Ние сме Македонци’“, напиша Мико во својата колумна, која ја пренесува порталот „Свест.мк“.