Американскиот аналитичар Џејсон Мико, активно вклучен во одбраната на правото на Македонија и на Македонците да се викаат така, во својата најнова колумна, која ја пренесува порталот „Свест.мк“, порачува дека „некои работи во животот се повредни од парите или од членството во некој клуб – тоа е идентитетот, всушност, идентитетот на тие што биле пред нас и кои сега почиваат и идентитетот на тие што допрва ќе се родат е нешто за што не смее да се преговара“.
„Заев и Димитров божем се заинтересираа за идентитетот…
Шекеринска се откажува од идентитетот…
Грците велат дека Македонија нема идентитет…
Горномакедонија е на клингонски…
…а Али Ахмети им се заканува на сите…
Минатата недела македонскиот премиер Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров барем колку да се рече се изјаснија во заштита на македонскиот идентитет. Како што јави грчкиот весник ‘Катимерини’, ‘премиерот на Бивша Југословенска Република Македонија (БЈРМ), Зоран Заев, рече дека решението на спорот за името со Грција мора да ги обезбеди достоинството и идентитетот на ‘Македонците’ и на Грците, според агенцијата МИА од БЈРМ.
Грција не прифаќа дека постои ‘македонска’ нација’. Според друг текст во ‘Катимерини’, Димитров ја дал безмалку истата изјава, велејќи дека ‘никој не може да ни го одземе правото да бидеме Македонци и да зборуваме на македонски јазик’.
Во меѓувреме, министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави за домашните медиуми дека таа, практично, не сака да биде Македонка: „Ако на маса имаме предлог кој ќе обезбеди подобра иднина и живот за граѓаните, тоа ќе биде вистинска одбрана на идентитетот’. Како прво, нема шанси таа да може да ги предвиди сите можни исходи на предлозите што се на маса и да тврди дека од нив ќе произлезе подобар живот; второ, некои работи во животот се повредни од парите или од членството во некој клуб – тоа е идентитетот – всушност, идентитетот на тие што биле пред нас и кои сега почиваат и идентитетот на тие што допрва ќе се родат е нешто за што не смее да се преговара.
Во исто време, Заев иронично изјави дека Македонија не само што ќе одржи референдум, туку и резултатот ќе биде позитивен. Медиумите јавија дека во пресрет на посетата на пратеникот на Обединети нации, Метју Нимиц, ‘премиерот на Бивша Југословенска Република Македонија (БЈРМ), Зоран Заев, инсистирал дека планот на неговата земја да одржи референдум за спорот за името со Грција нема да биде пречка за решавање на спорот, туку ќе биде гаранција дека решението ќе биде трајно. ‘Референдумот ќе биде дополнителна гаранција за Грција дека решението ќе биде трајно и ќе остане засекогаш’, изјави Заев. Оваа негова изјава е дел од обидите на Скопје да се забрзаат преговорите за решавање на спорот со крајна цел – членство во НАТО’. Извини Зоки, но малку работи траат вечно, а политичките договори не се една од тие работи.
Повторно во ‘Катимерини’, минатата недела беше објавено дека прашањето на идентитетот ќе биде проблем за преговорите: ‘Националниот идентитет на жителите на Бивша Југословенска Република Македонија се заканува да стане камен на сопнување во преговорите меѓу Атина и Скопје, кои се водат да се надмине повеќедеценискиот спор, и ова се гледа во изјавите на раковоството на БЈРМ. Грците велат дека словенското население на БЈРМ не може да полага право на македонскиот идентитет или јазик…’.
Сето ова нè води до Клингонците од ‘Ѕвездени патеки’. Во многу медиумски извештаи се посочува дека ‘новото’ име, кое веќе било договорено меѓу грчките и македонските преговарачи, е Горномакедонија, но напишано на латиница – Gornomakedonija, како еден збор, кој нема и буквално не може да биде преведен. Има многу проблеми со овој предлог, а еден од нив е што зборот, буквално, е на клингонски. Минатиот јули македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, соочен со предлогот еден нов и измислен збор, БЈРМ, да биде употребен како име за Македонија, изјави дека предлогот му звучи како да е на клингонски. А сепак, една година подоцна, го имаме измислениот збор Gornomakedonija, кој исто така звучи клингонски.
Во исто време, поранешниот герилец, криминалец, убиец и актуелен лидер на ДУИ, Али Ахмети, повторно упатува закани кон сите. Во интервју со – се разбира – за грчкиот весник ‘Катимерини’, Ахмети вели дека ‘…наша обврска како политичари е да се воздржиме од ширење страв и несигурност кај нашите граѓани…’. ‘Ако овој спор не биде решен, работите може да тргнат многу на лошо. Ако работите тргнат на лошо за нас, тогаш тоа секако ќе има последици и по Атина и може да ги потпали старите амбиции на разни кругови кои имаат застарени ставови за поделби и за нови граници на Балканот. Верувам дека тоа би било опасно за сите нас’. Ова е нова серија уцени и закани, материја во која, морам да признаам, Ахмети е добар познавач. Но, време е да биде замолчен.
Но, има уште нешто што ми изгледа интересно. Грција како да признава дека Македонија веќе ја добила оваа рунда. Минатата недела грчкиот министер за надворешни работи пред домашната јавност изјави дека ‘имаме еден парадокс – ако не постигнеме договор денес, тогаш кое име ќе остане во употреба? Меѓународно, името ќе биде само ‘Македонија’ и ние не добиваме ништо со тоа, а во нашите билатерални односи ќе остане ‘Бивша Југословенска Република Македонија’’.
Во декември, во соработка со Обединета македонска дијаспора објавив документ во кој предложив повлекување од преговорите за името и ги наведов токму овие причини. Како што реков тогаш, ‘преговорите, пред сè и над сè, се можност Грција да ја принуди Македонија да се самоукине себеси како држава на посебна група луѓе кои се нарекуваат Македонци. Додека преговорите траат, Грција живее во илузија дека државата која себе си се нарекува Република Македонија не е трајна држава, со трајни луѓе, што е опасна идеја. На крајот на краиштата, на Грција не ѝ е гајле дали државата која се нарекува Македонија е во или надвор од ЕУ или НАТО. Грчката почетна и крајна позиција отсекогаш беше: не постои Република Македонија и не постојат Македонци. Доколку Македонија љубезно се повлече од овие преговори, на Грција ѝ се ускратува оваа разврска. Доколку Македонија се повлече од преговорите и одбие да преговара, со текот на времето состојбата ќе се нормализира, исто како што состојбата договорена во 1993 година стана ‘нормална’. Тензиите ќе се смират, а Македонија ќе може да се фокусира и да се посвети на она што навистина е важно – економијата, на пример – и да продолжи да чекори напред.
‘Ова е чудна игра. Единствениот добитен чекор е да не ја играш’ – цитат од филмот Воени Игри (1983)“, пишува Мико во својата најнова колумна.




