Со два натпревара, од кои едниот е во салата Јане Сандански во Скопје денеска започнува 17. сезона во Јадранската кошаркарска лига. МЗТ Скопје во дербито од првото коло го дочекува Партизан во средба што започнува во 20 часот. Истата е практично и проверка на новите сили на Аеродромци, кои преку летото претрпеа многу промени, но и на шесткратниот освојувач на регионалниот кошаркарски натпревар кој ќе се обиде да и го оспори приматот од последните три години на Црвена Звезда.
За капацитетот на МЗТ е рано да се говори особено по ланското искуство кога беше составен скап тим кој потоа не ги оправда очекувањата и постојано беше на дното. Освен мечот во нашиот главен град, два часа порано, значи од 18, се игра и средбата на Цедевита и ФМП. АБА организацијата инаку го скрати списокот на учесници за ова издание на 12 екипи, но не менуваше многу во системот на натпревари.




