Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев, на денешниот Светскиот младински фестивал во Сочи, изјави дека Украина е дел од Русија и ја отфрли можноста за преговори со сегашното раководство во Киев.
Мапа на голема Русија и на Украина стоеше зад поранешниот руски претседател за време на негово обраќање, а на картата со украинско знаме беше означен само регионот околу главниот град Киев. Во говорот Медведев рече дека „историските делови од Русија ќе се вратат дома“.
– Еден од поранешните украински лидери во одреден момент рече дека Украина не е Русија. Тој концепт мора да исчезне засекогаш. Украина е дефинитивно Русија – изјави Медведев кој сега ја извршува функцијата заменик шеф на Советот за безбедност на Русија.
Тој ја отфрли можноста за мировни преговори со актуелното украинско раководство предводено од претседателот Володимир Зеленски и рече дека секоја идна украинска влада, доколку сака да преговара, ќе мора да ја препознае новата реалност на теренот.
Териториите на двата брега на Днепар се дел од стратешките и историските граници на Русија, нагласи Медведев.
– Затоа сите обиди насилно да се сменат, да се отсечат се осудени на неуспех – додаде тој.





