За време на судирот во Косово во 1999 година можеше да дојде до директна конфронтација меѓу Албанија и Македонија, изјави поранешниот албански премиер Пандели Мајки за телевизијата А2 Си-Ен-Ен.
„Имавме многу тешка дискусија со тогашната влада во Скопје и бевме принудени да ги отвориме границите и со Македонија и за еден ден можеби 30.000-35.000 луѓе ја минаа границата во правец на Корча. Ситуацијата на почетокот, кога македонската влада ги блокираше сите бегалци кои беа на границата со Косово, стана вистински ужас. По неколку дена се заканивме“, рече тој.
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Папандреу тогаш, според сведочењето на Мајко, заедно со неговиот македонски колега дошол во кабинетот на премиерот на Албанија, а од претставникот на македонската страна било побарано официјално извинување за тоа што се случи на границата.
Нему тогаш му било кажано, како што вели, дека во случај на дополнително блокирање на границата, Албанија ќе ги повика Албанците во Македонија да застанат против државата и да ги заштитат „браќата од Косово“. Станува збор за луѓе кои бегале од конфликтот на терористичката ОВК со југословенските сили, но и за оние кои се засолниле од бомбите на НАТО.
„Или отворете ја границата, или ги повикуваме Албанците да станат и да ги заштитат своите браќа. И нема ништо незамисливо што може да се случи во тој момент“, додаде Мајко.






