Со традиционалното василичарско оро насред село и палење на маските во центарот на Вевчани, денеска заврши годинашното издание на Вевчанскиот карневал. Двете василичарски друштва Горна и Долна маала ги посетија сите куќи чиј домаќин го носи името на Свети Василиј. Потоа, според преданијата, симболично го избркаа злото и со желба за здравје и бериќет ја дочекаа Новата година, по Јулијанскиот календар. Палењето на маските, како што тврди василичарот Сашо Бетоски, е наметнат ритуал и василичарите не го прифаќаат.
Карневалот според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.

Поранешните министри од ДУИ, Груби, Бесими и Шаќири, како играат фудбал во кабинетот на Груби, како и потрагата по Груби, кој е во бегство, беа најинтересните маски, помеѓу стотината, кои годинава предизвикаа најголемо внимание на Вевчанскиот карневал. Вевчанци и годинава ја покажаа својата смисла за хумор, исмејувајќи ги општествените и политички случувања минатата година, а на удар секогаш се и носителите на јавни и политички функции.
Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години. Задолжителни елементи на карневалот се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои олицетворение на злото и двајцата глупави Августи кои ги штитат од злото.
Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијанскиот календар.






