Трговците ги прифатија новите мерки на Владата за ограничување на цените и намалување на маржите и поголемиот дел од нив веќе ги поставија новите цени и ги обележаа производите, пренесува Плусинфо.
Порталот пишува дека во маркетите денеска забрзано се поставуваале новите цени како што наложуваат мерките на Владата. Дел од трговците коментираат дека Владата ги послушала дел од предлозите од Стопанската комора на трговци на големо и мало.
Граѓаните кои ги анкетирале од порталот се со различни ставови за новите цени.
– Производите се обележани. Кај оние со замрзната цена, како кај лебот, нема промена на цената, но кај другите има минимална промена. Во оние маркети во кои бев денеска има и вообичаени акции со намалување на цените, па не може да се разбере дали цените се пониски поради акцијата или поради владината мерка – вели граѓанка.
Владата очекува мерките да ги намалат цените за околу 10%. Инаку, опфатени 102 групи производи или повеќе од 1.000 прехранбени и непрехранбени производи. Трговците се задолжени на рафтовите да имаат најмалку 70 отсто од овие 102 групи производи. Производите треба да се обележани со „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или со „Замрзнати цени“.






