Постои ризик Европа да умре, рече денеска францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговиот говор на Универзитетот „Сорбона“ во Париз, во кој истовремено повика да се воспоставува пообединета, суверена и демократска Европа, наспроти, како што додаде, бројните геополитички и економски предизвици.
Битката за изградба на силна Европа, како што рече тој, е далеку од завршена и посочи дека таа ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува Ројтерс.
Според него, Соединетите Американски Држави се повеќе окупирани со нивните внатрешни проблеми, како и со односите со Кина, отколку што се заинтересирани за состојбата во Европа.
Макрон предупредил дека правилата на игра се сменети, но и дека Европа не е вооружена, како што додал, да се соочи со ризиците.
Британски „Дејли телеграф“ пишува дека Макрон во својот говор рекол оти се завршени деновите кога Вашингтон ја гарантирал безбедноста на Европа, како и дека тоа најмногу било изразено по, како што додал, инвазијата што рускиот претседател Владимир Путин ја извршил во Украина и со тоа ја донел војната во дворот на Европа.
„Војната е на европска територија и ја спроведува некој што има нуклеарна моќ“, рече тој.
Според него, опстанокот на Европската Унија зависи само од изборите на земјите членки на ЕУ.
Во говорот вели и дека ја поддржува и политиката за постигнување „стратешка автономија“ за која се залага Брисел.
„Европа мора да покаже дека не е вазал на САД и дека знае да разговара и со сите други региони во светот “, рече Макрон.





