Дури 36 отсто од македонските граѓани очекуваат 2018 да биде година со економски просперитет, додека 24 отсто очекуваат потешкотии. Тоа е одлично во споредба со светскиот индекс, каде 28 отсто од испитаницит се оптимисти, додека 30 проценти се песимисти, покажуваат резултатите од најновиот светски водечки Глобален барометар.



Во соседството, како што пренесува ТВ Алфа, во економски просперитет слично како нас веруваат и Албанците, Србите и Бугарите се благо песимистични додека Грците, веќе традиционално, се убедливо на дното на табелата.

Во Македонија во пораст е и индексот на надеж. Степенот на оптимизам за 2018 година е поголем од оној за 2017 година. Дури 46 отсто од испитаниците изјавиле дека очекуваат следната година да биде подобра, 18 отсто да биде полоша, а 31 проценти очекуваат да нема промени во годината што доаѓа.

Пооптимистични од нас, регионално, се само граѓаните на Албанија и Косово кои котираат високо и на глобално ниво. Србија и Бугарија се некаде на средина, а повторно најмалку надеж во годината пред нас полагаат граѓаните на јужниот сосед.

. На прашањето како лично се чувствуваат 13 отсто од испитаниците во Македонија изјавиле дека се чувствуваат многу среќно, 48 проценти се чувствуваат среќно, 30 отсто ниту среќно ниту несреќно, а 6 односно 1 отсто изјавиле дека се чувствуваат несреќно и многу несреќно.

И уште еднаш заедно со нас, среќни се Косоварите, Албанците, нешто помалку Србите и Бугарите, додека испитаниците од Грција го имаат четвртиот по ред најнизок скор, веднаш по Иран, Ирак и Украина, информира ТВ Алфа.

За ова глобално истражување беа интервјуирани 53.769 лица, во 55 земји.

Во Македонија, агенцијата Брима Галуп, спровела теренска анкета со 1.210 испитаници во периодот од 21 ноември до 01 декември.