Во прилогот на Хрватска телевизија за денешната прослава на Божик по стар стил во земјата свое место си најдоа и православните Македонци од Истра, кои повеќе од 20 години за своите верски потреби ја користат католичката црква „Свети Фрањо“ во Пула.
„Таа црква ја имаме од почетокот и ја помагаме таа црква, ја одржуваме и тоа е дел од нашиот живот во Пула“, изјави Ратко Златески, претседател на Македонска православна црковна општина „Свети Јоаким Осоговски“ од Пула.
Македонците што живеат во овој дел на Хрватска се активни во градскиот и во околискиот совет на македонското малцинство. Во Основно училиште „Центар“ веќе десетина години постои програма на македонски јазик и култура, којашто ја води професорката Сашка Соломоновска Јаневска. Во рамките на Македонско културно друштво „Свети Кирил и Методиј“ од Пула, кое брои 70 члена, делуваат мешовит хор, оркестар, фолклорна група, литературна секција, а се организираат и готварски и етнокреативни работилници.
Македонците од полуостровот еднаш годишно се претставуваат и со „Денови на Кочо Рацин во Истра“, „Денови на македонската култура во Истра“, „Денови на глаголицата во Истра“ и со други манифестации и културни програми.





