Македонските иселеници во Германија на 27 јануари ќе организираат протестен марш во Берлин против промена на името на државата Македонија, против Законот за употреба на јазиците и против Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Упатуваме јавна покана до сите Македонци во цела Германија и Европа да се придружат на маршот ЗА МАКЕДОНИЈА, заедно да застанеме пак во одбрана на боите на Македонија и за нашите браќа и сестри во татковината! Ние сме Македонци, нашата татковина се вика Македонија, наш јазик е македонскиот јазик! Така било, така е, така мора и да остане!“, стои во прогласот на организаторот Македонска заедница во Германија.
Собирното место за маршот в сабота на 27 јануари е Бранденбуршка порта, почетокот е во 13 часот, а од таму присутните ќе се упатат до кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел.
Од протестниот марш ќе се упати декларација до претседателот на Републиката, претседателот на Парламентот и претседателот на Владата на СР Германија, која ќе го содржи ставот дека „Македонците во Европа го отфрлаат Договорот со Бугарија и Законот за употреба на јазиците. Македонците во Европа не прифаќаат промена на името на државата Македонија!“.





