Престон лајонс ја победи Алтона меџик со 1:0 во дербито на екипите на македонската заедница во Австралија од третото коло на фудбалската Премиерлига на Викторија.
Стрелец на единствениот гол (на линкот https://www.facebook.com/share/r/15r6ydFHoo/) беше Лејтон Брукс по слободниот удар во 41. минута, со кој некогашниот Престон Македонија ја оствари втората победа и со 7 бода е втор на табелата во овој сегмент од второлигашката конкуренција во Австралија.
Пред натпреварот и на полувремето Македонците од Мелбурн на трибините со сплет македонски ора ги забавуваше Македонското културно-уметничко друштво „Јане Сандански“, а атмосферата меѓу навивачите кулминира со неофицијалната македонска химна „Бисер балкански“ (на линкот https://fb.watch/xUl_T0RgOt/).
Престон лајонс традиционално настапува во црвено-жолти дресови според боите на македонското знаме и го има лавот во клупскиот грб, а Алтона меџик во црвено-црна опрема по урнек на најголемиот македонски фудбалски бренд Вардар.






