Македонските ракометарки убедливи против САД на стартот од СП за јуниорки во Македонија

Македонската женската ракометна репрезентација до 20 години тргна со уверлив триумф од 32:15 над САД на 24. Светско првенство што се одржува во Македонија од 19 до 30 јуни.



Улогата на изразит фаворит „црвено-жолтите“ ја потврдија уште во првото полувреме, кое го добија со 15:6 и го решија победникот во групата Х, во која Исланд ја совлада Ангола со 25:19.

За односот на силите во натпреварот одигран во арената „Борис Трајковски“ во Скопје зборува податокот дека Македонија имаше реализација од 68 проценти на ударите кон противничкиот гол наспроти само 36 отсто на Американките.

Коцева со 9 гола од 10 обиди беше најефикасна во македонскиот состав, пред Младеновска со 7/9.

Следна пречка за избраничките на селекторот Дарко Јанев се Исланѓанките задутре од 18 ч. исто така во најголемата македонска сала.