На 27 април во Варна ќе се одигра хуманитарен фудбалски натпревар меѓу ветераните од Бугарија и од Македонија, организиран од бугарската Фондација „Национали 94“ и Општина Варна, а собраните средства ќе бидат наменети за лекување на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката во Кочани.
Македонскиот тим од фудбалски легенди ќе го предводи Горан Пандев, а бугарскиот ќе го сочинуваат Христо Стоичков, Јордан Лечков, Емил Костадинов, Наско Сираков, Красимир Балаков, Ивајло Јорданов и други членови на златната генерација што ја одведе Бугарија до четвртото место на Светското првенство 1994 во САД.
„Национали 94“ (Репрезентативци ’94 – н.з.) веднаш по трагедијата во Кочани изразија сочувство, а најголемата фудбалска ѕвезда на Бугарија на сите времиња Стоичков на Фејсбук објави: „Очите ми се полнат со солзи кога читам и гледам вести! Господ нека е со Северна Македонија!“.






