Македонските Бугари бараат Македонците да прифатат „Една историја за еден народ“

– Односите меѓу Македонија и Бугарија ќе се променат и ние сме горди на тој факт. Затоа од своите браќа по крв кои што се определуваат за етнички Македонци бараме да ја прифатат понудената рака затоа што тоа е единствената реална алтернатива за нашата Македонија, ова во Смилево каде што викендов е одбележана годишнината од Илинденското – Преображенското востание го порачал Лазар Младенов, претседател на Бугарскиот Културен клуб во Скопје кој девети пат по ред го слави овој датум.



Според Младенов разликите во историјата треба да ги решаваат експертите историчари затоа то не може да има две истории.

„Има една историја. За еден народ, една историја“, изјавил во Смилево Младенов кој се декларира за македонски бугарин.

Тој се надева дека прославата на заедничките историски ликови која што почнала во Софија пред две недели ќе продолжи и во Крушево за Илинден. На браќата Македонци им порачува да не се плашат дека постои некаква цел за обединување на Бугарија и Македонија затоа што и големите сили не би дозволиле такво нешто.

Идеалот на Македонските Бугари е Македонија и Бугарија да функционираат како Германија и Австрија.

Бугарштината сеуште не е општествен идеал во Македонија и македонските бугари нема да запрат се додека тоа не се случи, вели Младенов,  според кого секој во Македонија треба сам за себе да си реши дали е Македонец или Македонски Бугарин.