Народниот херој и борец за слободата на Македонија Орце Николов, убиен од бугарските фашисти на 4.1.1942

На денешен ден 4 јануари 1942, во заседа поставена од бугарските фашисти загинува македонскиот народен херој Орце Николов. Роден е на 7 јануари 1916 година во Скопје. Потекнува од работничко семејство. Учи кројачки занает. Уште како млад во него се буди револуцерниот дух и станува член на УРС-овите синдикати.



Во тоа време Вардарскиот дел од Македонија е под српска окупација, како дел од кралството Југославија. Во тоа кралство Македонците не биле признаени како посебен  народи и биле угнетувани и принудени да учат туѓ јазик. Во 1935 година, како и најголемиот дел од македонските младинци, Орце Николов станува член на тогашната Комунистичка партија, која во тоа време кога Македонија била поделена и окупирана, го признавала постоењето на Македонците како посебен народ. Тој набрзо станува еден од главните раководители и организатори на работничкото движење во Македонија. Организира штрајкови и протести низ повеќе градови во Македонија, во кои се бара подобрување на правата на македонските работници.

Орце Николов заедно со Методија Андонов Ченто и со Кузман Јосифовски Питу е еден од главните организатори и на познатите Илинденски демонстрации од 2 Август 1940 година со изразито македонски национален белег, кои се одржале во Скопје, Прилеп и Охрид.

Од Илинденските демонстрации Македонците побарале македонските деца да учат на мајчин македонски јазик, кој во кралството СХС бил забранет. Тие побарале и поголеми права за македонските работници. Борка Талески, кој бил еден од говорниците во Прилеп, повикал Македонците да се борат за ослободување на својата земја. Веднаш после тоа  српскиот режим започнува да ги апси Македонците. На 9 август 1940 година пред својот дом е уапсен и Орце Николов. Уапсени се и Методија Андонов-Ченто, Борка Талески, Трајко Бошкоски-Тарцан, Коце Ќурчија и голем број други македонски патриоти.

Во септември 1940 Орце Николов е однесен во затвор во Белград, а потоа е преместен во Велика Кикинда. Таму Николов организира бунт на затворениците, изведен е пред суд и осуден на 2 години строг затвор. Однесен е во затвор во Сремска Митровица. Во 1941 година започнува Втората светска војна .Во кралството Југославија од сите страни почнале да навлегуваат бугарски, германски и италијански фашисти. Користејќи го хаосот во државата, на 22 август 1941 затворениците во Сремска Митровица организираат бегство од затворот. Меѓу оние кои успеваат да избегаат е и Орце Николов, заедно со Благој Андреев – Ронката и Богоја Фотев.

По бегството Орце Николов ја започнува борбата против новиот окупатор – бугарските и германските фашисти. Му се приклучува на Фрушкогорскиот партизански одред. На почетокот од октомври 1941 година оди во Ужице, каде што бил сместен Врховниот штаб на партизаните. Орце Николов добил задача да се пробие во Македонија, каде што веќе биле формирани и првите македонски партизански одреди. На 27 октомври 1941 Николов со една група Македонци заминува за Македонија. Во околината на Лесковац чека да му бидат испратени фалсификувани документи, за да може полесно да ја помине демаркационата линија низ територијата, окупирана од Бугарија.

Во првиот обид да ја премине граница, во декември 1941 година, одредот не успеал, и се вратил назад. При вториот обид, ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942, на планината Кукавица кај селото Туба, Владичин Хан во Србија, Македонците наидуваат на заседа, поставена од Бугарите. Орце Николов со неговите соборци се обидува да ја пробие заседата, но во борбата е убиен од бугарските фашисти. На 26 годишна возраст загинува за слободата на Македонија. Во негова чест Кумановскиот партизански баталјон, формиран во декември 1943 година, го носеше неговото име.

Извор: Објава на ОМО Илинден Пирин на фејсбук од 25.9.2017 година