Македонскиот електросистем бил пред можен колапс за време на велигденските празници, поради големото производство на електрична енергија од фотоволтаичните централи бидејќи струјата немало каде да се продаде, потврди денеска директорот на МЕПСО Бурим Љатифи. Тој рече дека системот сега е стабилен.
Поради оваа состојба Регулаторната комисија за енергетика донела вонреден акт за преземање мерки со кои на операторот на електросистемот АД МЕПСО, како и на Електродистрибуција од 18 до 21 април им дал овластување по своја проценка да ги исклучуваат од систем фотоволтаичните централи.
„Имаше предизвици за време на викендов и затоа се преземени тие мерки, но тоа што можеме да го кажеме е дека правиме максимални напори да го стабилизираме системот и да немаме никакви проблеми во целата мрежа“ рече Љатифи.
Поради тоа, првиот човек на МЕПСО рече дека се зголемени банкарските гаранции кои ќе се активираат против трговците на електрична енергија доколку се балансно неодговорни.
– Ние сме соочени со затекната ситуација. За дел од трговците, може да кажеме дека една од мерките е тоа што го направивме – зголемување на фиксниот дел на банкарската гаранција, согледувајќи ги цените на електричната енергија на европските берзи. На долгорочно ниво сметаме дека фиксниот дел од банкарската гаранција е доволна.






