Драстичен и сериозен пад е забележан кај прометот во индустријата во текот на јули 2024 година, споредено со истиот месец лани. Во согласност со најновите податоци на Државниот завод за статистика, индексот на прометот во индустријата во јули оваа година изнесува 86,5, што всушност покажува дека индустријата има пад од високи 13,5 проценти.
- Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на прометот во индустријата, вкупно, во јули 2024 година, во однос на јули 2023 година, изнесува 86.5 – се наведува во соопштението на ДЗС.

Од таму додаваат дека според главните индустриски групи, вкупниот промет во индустријата во јули 2024 година, во однос на јули 2023 година, бележи опаѓање кај Капитални производи за 35,4 проценти и Tрајни производи за широка потрошувачка за 1,6 отсто, додека пораст бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 6 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,4 отсто.
Пад има и на месечно ниво. Како што информираат од ДЗС, индексот на прометот во индустријата, во јули 2024 година, во однос на јуни 2024 година, изнесува 98. Ова значи дека на месечно ниво има пад од два проценти, додека пак за првите седум месеци од годината падот достигнува 13,3 проценти.

Податоците покажуваат дека поголем е падот кај прометот на странските пазари. Имено, статистичарите соопштуваат дека индексот на прометот во индустријата на домашниот пазар, во јули 2024 година, во однос на јули 2023 година, изнесува 99,1. Индексот на прометот во индустријата на странските пазари, во јули 2024 година, во однос на јули 2023 година, изнесува 82.





