„Македонска нација“: Палежот и масакрот во Кукуш на 21.6.1913 и етничкото чистење на Егејот 1945-1949 – дел од грчкиот геноцид врз Македонците

„Tеророт врз македонските семејства почнува уште пред да ја верификуваат во Букурешт во 1913 година окупацијата на Грција над Егејска Македонија со масовни колежи на населението и со палење на селата. Овој податок произлегува од извештаите на познатата меѓународна ‘Карнегиева анкетна комисија’ составена во тоа време, која ги испитувала штетите од балканските војни. Според оваа комисија, на 21 јуни 1913 година грчката војска влегла во градот Кукуш, ги убила сите луѓе, повеќе старци, жени и деца, кои не можеле да избегаат од градот од страв од колежот на војската, но и оние граѓани кои, ги фатиле при бегањето. Во Правиште, западно од Кавала, грчката војска убила близу 7 илјади граѓани.“ – се нагласува во една статија со наслов „Плачот од Егејот “, која ја има објавено весникот „Македонска нација“ на својот интернет-портал.



Покрај другото, во статијата пишува: На 23 јуни 1913 година во селото Аканџали една грчка воена формација, составена од 300 војници, направила вистински масакр, колејќи во исто време 3.500 Македонци, пребегани во ова село од изгорените македонски села во Кукушката околија. Меѓу 21 и 23 јуни 1913 година грчката војска го изгоре до корен градот Кукуш, како едно од упориштата на македонското ослободително движење. Изгорени се 1.846 куќи, 612 дуќани и работни установи и шест фабрики. Од 20 до 25 јуни 1913 година грчката војска изгоре до темел вкупно 39 македонски села. На 28 јуни 1913 година во зградата на Женската гимназија во градот Сер грчката војска заклала 200 Македонци. Меѓу 23 и 28 јуни 1913 година изгорен бил и поголем дел дел од градот Сер. Во пожарот предизвикан од војската изгореле 4.000 куќи. Во тој период во Серско и Драмско биле целосно изгорени селата Ораховец, Баница, Горно Броди, Скрижево, Горенчик и други.

Во Лагадинско биле изгорени селата: Зарово, Негован, Богородица и други. Од 27 јуни до 6 јули 1913 година грчката војска ги изгорела сите квартови на Солун, во кои живеело македонското население. Според податоците на „Карнегиевата комисија“, во ова време во Егејска Македонија биле изгорени околу 170 села со повеќе од 17 илјади куќи. Уште во текот на Втората балканска војна македонското население, со сила, под заканувања, со смрт, се вели во извештајот, било принудувано да потпишува декларации, со кои се откажува од својата македонска национална свест, кои подоцна требало да им послужат на грчките власти како доказ за “грчкиот состав на населението во Егејска Македонија“, при одредувањето на нивните граници меѓу балканските држави.

Егзодусот започнува веднаш по окупацијата на Егејска Македонија од страна на Грција од 10 август 1913 година кога и по сила на Букурешкиот мировен договор Македонија е разделена. Грчките власти систематски работеле на уништување на македонското население и на етничко чистење на Eгејска Македонија од негрчко население. Површината на Македонија во тоа време изнесувала 66.474 km2 , но таа го губи егејскиот дел кој изнесува 33.953 km2 , врз кој окупација врши Грција и македонското население во тој дел броело 326 илјади и 426 Македонци. Грција од почетокот гради стратегија за трајно зачувување на оваа територија. Најважен услов за тоа беше да се изврши геноцид. Тоа е направено организирано и со меѓусебна размена на населението. Грција склучи договори за размена на населението со Турција и Бугарија, со што во Егејска Македонија се доселувани Грци од овие држави, кои ја менуваа етничката карта.

Во ноември 1919 година меѓу Грција и Бугарија е потпишана Конвенција за “доброволно иселување на Македонците од Егејска Македонија“. Таа е продолжувана неколку пати, со цел да се иселат штo поголем број Македонци.  Со оваа Конвенција, но и со низа други притисоци и закани, од Егејска Македонија во Бугарија се иселени околу 95 илјади Македонци. Од 1913 до 1923 година во Егејска Македонија се доселија околу 638 илјади нови жители, главно Грци, а од неа се иселија околу 95 илјади Македонци. Тоа петставуваше прва поголема катастрофа на македонското население. Но Грците не застанаа тука. Наредните постапки беа со цел да се избрише секој белег што потсетува на македонскиот карактер на Егејска Македонија.

Ја забрануваа употребата на македонскиот јазик било каде и строго се внимаваше на Македонците дали зборуваат македонски, а во тоа беа вклучени разни националистички организации, како на пример: “Грчко – македонска тупаница“ и други, кои спроведуваа терор меѓу македонското население. Во еден повик на оваа организација објавен на 27 јануари 1926 година, меѓу другото се вели: “Ја забрануваме употребата на славофонското јазично наречје во сите општествени центри, установи, трговски односи, собранија, веселби, ручеци, свадби итн. Налагаме во сите случаи да се говори грчки јазик. Нарушувачите на оваа наредба се сметаат за предавници и ќе потпаднат под страшни казни на нашата организација.“

Освен тоа, во ноември 1926 година во Грција е донесен Закон за промена на имињата на селата и градовите, на планините, реките…имињата на луѓето – од македонски на грчки. Не само што децата задолжително учеа во грчки училишта и на грчки, туку и за возрасните се отворија вечерни училишта, во кои на стари години Македонците беа приморани да го учат грчкиот и да го заборават мајчиниот јазик.  Активностите за сузбивање на македонскиот јазик одеа дотаму, што ни мртвите не ги оставаа на мира. Од надгробните споменици се бришани македонските натписи.

Мерките за сузбивање на македонскиот јазик во Егејска Македонија, од година во година, станувале се поригорозни. Така по воспоставувањето на монархијата во ноември 1935 година донесен е посебен Закон за забрана на употребата на македонскиот јазик. Македонците се контролираа на секој чекор на кој јазик зборуваат. Провокатори и шпиони имаше на секој чекор. Грчките жандари и кодоши ги следеа и ги наслушуваа Македонците дали зборуваат на својот мајчин јазик и дење и ноќе, наслушувајќи под прозорците на нивните домови, обично во вечерните часови, потоа седејќи во заседи позади дрвја или грмушки покрај патиштата што водеа до нивните домови, до градовите или до пазарите.

На веселбите и свадбите редовно присуствувале џандари и контролирале дали ќе се изусти некој македонски збор, да не се запее некоја македонска песна. Кога на 4 август 1936 година на власт дојде генералот Метаксас, незадоволен од дотогашните мерки „против Македонците“,  ја зголеми силата на законот за забрана на зборување на македонски јазик и во прогонство се праќаше секој, што ќе изустеше макар и еден македонски збор.

Тоа што Грците не успеале да го сторат во Егејскиот дел на Македонија од окупацијата во 1913 година па во наредните 35 години, многу вешто и итро го прават од 1945 до 1949 година. Теророт започнува веднаш по повлекувањето на германската војска. Грчката монархофашистичка војска, со жандармеријата, а поттикната и од британската војска сееја страв и трепет по македонските населби. Вршеа невиден терор: убиства, мачења, се до силувања, проследени со масовно горење на селата. Голем број на села во тој период се избришани од географската картаа. Во март 1948 година изгонети се 28 илјади македонски деца од своите родни огништа во селата во Егејска Македонија. Денес тие го имаат симболичното име “деца бегалци од Граѓанската војна во Грција“. Но тие не се “деца бегалци“, тие се изгонети, избркани со добро осмислен и организиран начин од грчките власти. Се било добро организирано да се сотрат македонските огништа и денес Македонците таму се скоро истребени.

Мошне вешто Грците ја искористуваат Граѓанската војна, за да го искоренат македонството од местата каде што тоа жилаво опстојуваше и по 35 години поминати од грчката окупација врз Егејска Македонија. При крајот на прогонствата грчките власти донесоа декрети, со кои им се конфискува имотот на Македонците и им се забранува нивното повторно враќање, и покрај тоа што сите тие прогонети имаат документи за поседување на сопственост, или такви документи постојат во катастерските служби во општините каде што живееле, а се под Грција. Сиот тој одземен имот им беше доделен на стари населени Грци, или на новонаселени Грци. Грците најмногу ја искористија Граѓанската војна за целосно бришење на македонизмот во Егејска Македонија.

Целата статија тука