Македонија трета во регионот според привлечноста за странските инвеститори

Македонија е трета најпривлечна дестинација за странските инвеститори меѓу шесте републики од поранешна Југославија, покажува најновиот извештај на независниот Милкен институт од Калифорнија, кој ја мери атрактивноста преку комбинација на економски, финансиски, институционални и регулаторни фактори.



Индексот го сочинуваат 100 индикатори поделени во пет категории: деловна перцепција, економски основи, финансиски услуги, институционална рамка и меѓународни стандарди и политика, според кои Македонија е на 54. место во светот. Подобри од неа се Словенија на 26. позиција и Црна Гора на 50., а полоши Србија на 59. место, Хрватска на 64. и Босна и Херцеговина на 94.

Најдобра дестинација за инвеститорите е Данска, а во топ 5 се уште Шведска, Финска, САД и Велика Британија.