Според најновиот извештај на Европската комисија за подготвеноста за членство, Македонија е на третото место меѓу шесте земји од Западен Балкан, пред Албанија, од која неодамна беше одвоена на евроинтегративниот пат и која и официјално ги почна преговорите.
Во однос на ланскиот извештај, Македонија ја подобри просечната оценка од 3,03 на 3,09, забележувајќи промени во две од вкупно 33 поглавја.
Пред неа во овој поглед се Црна Гора со 3,2 и Србија со 3,11, а зад Македонија се Албанија со 2,8, Косово со 2,02 и Босна и Херцеговина со 1,67.
Извештаите на ЕК ја користат следната скала за секое од 33. поглавја: рана фаза (1), одредено ниво на подготовка (2), умерено подготвени (3), добро ниво на подготовка (4) и добар напредок (5).






