Македонија со бод од Фарски Острови на стартот од Лигата на нациите, седми меч во низа без победа

Реми 1:1 на фудбалската репрезентација на Македонија против Фарски Острови во Торсхавн на стартот од Лигата на нациите, со кое победничката „суша“ за избраниците на селекторот Благоја Милевски продолжи и во седмиот натпревар во низа по двете нерешени и четирите порази претходно.



„Црвено-жолтите“ можат да жалат што не ги однесоа сите три бода, бидејќи на Чурлинов во два наврата и на Ќамили еднаш полесно им беше да се запишат во листата на стрелците отколку да не погодат, но и да бидат задоволни што не се поразени по негативата само по 9 минути игра и шансите на домаќинот во завршницата од мечот.

Фарски Острови поведоа од сомнително досудениот пенал што го реализира Давидсен, а конечниот резултат исто така од белата точка го постави капитенот Енис Барди во 49. минута со својот 17. гол во 65. настап за македонскиот национален тим, со кој се издвои на третото место на листата на стрелците, зад Пандев со 38 и Трајковски со 21.

Македонија имаше многу поголем посед на топката од 65:35 проценти и повеќе упатени удари кон голот (14:11), но и очајно лошо прво полувреме, со многу грешки и неповрзана игра.

Во второто коло од четвртата група во дивизијата Ц во вторник од 20:45 часот во Скопје ќе гостува Ерменија, која денеска ја пречекува Летонија.