Македонија при дното во регионот според владеењето на правото

Според индексот на владеење на правото, Македонија е седма меѓу десет земји од регионот опфатени со истражувањето на „Ворлд џастис проџект“, а во светски рамки е точно на средина, односно на 57. место од 113 земји, што е пад од три места.



Од државите во опкружувањето подобро рангирани се Словенија (26. место), Романија (29.), Хрватска (35.), Грција (39.), Бугарија (55.) и Босна и Херцеговина (56.), а зад Македонија сe Албанија (68.), Србија (76.) и Турција (101.). Црна Гора и Косово не се вклучени на оваа листа.

Скандинавските земји се во водечкиот квартет, при што Данска е прва, Норвешка втора, Финска трета и Шведска четврта. Во топ-10 следуваат Холандија, Германија, Нов Зеланд, Австрија, Канада и Австралија.

Велика Британија е 11., Франција 18., САД 19., Русија 89., а на дното е Венецуела.

Истражувањето беше спроведено преку анкетирање на по 1.000 обични луѓе во секоја земја, на што беа додадени одговорите од прашалникот доставен до квалификувани експерти, вклучувајќи стручњаци од областа на правото и активисти.

Рангирањето, пак, базира на осум фактори: ограничувања на владините овластувања, отсуство на корупција, отворена влада, основни права, ред и безбедност, спроведување на регулативата, граѓанска правда и кривична правда.