Македонија повеќе нема време за губење – Пишува Роберт Димитриевски

„Пропустот“, како што го нарече лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, давањето заклетва од новиот собраниски спикер Африм Гаши прво на албански, го искористи новопечената опозиција за да обвини за кршење на Уставот. Со право, ако се гледа исклучиво словото на законот. Тој мора да важи за сите во државата, па и за досегашниот претседател на Алтернатива и еден од водачите на коалицијата „Вреди“.



Арно ама, губитниците на неодамнешните двојни избори во Македонија се последните што имаат (морално) право некому да му држат лекции за почитување на највисокиот законодавен акт. Токму тие во последните седум години практикување (без)власт(ие) буквално го избришаа подот со тоа што во секоја демократска држава претставува врв на правниот поредок. Од „изборот“ на претходникот на Гаши, Талат Џафери, преку промената на државното име со игнорирање на јасно изразената волја на две третини избирачи преку бојкотот на пропаднатиот референдум, до наметнувањето токму на Законот за употреба на јазиците со европско знаменце. Само овие три силувања на Уставот од еден куп други случаи на негово дерогирање се доволни за да го илустрираат лицемерието на оние што сега леат крокодилски солзи, а за кое жестоко беа казнети од граѓаните.

На Гаши, пак, најмалку што му беше потребно е уште во старт да разочара добар дел од Македонците, вклучувајќи ги и поддржувачите на своите идни владини партнери од македонскиот политички блок. Немаше да биде помал Албанец ако веднаш дадеше личен пример за почитување на уставните и законски одредби, ниту ако неговиот кабинет не се истрчаше со најавата дека тој ќе зборувал албански во секоја пригода. Напротив, ќе покажеше државнички манир, ќе ги придобиеше и тие што не веруваат дека „Вреди“ ќе биде поразлична од ДУИ во играњето на националистичката карта и ќе отвореше нови перспективи за насушно потребното приближување меѓу двете најголеми заедници и за јакнењето на меѓусебната доверба. Уште има и простор, и време за него, оти тукушто седна во првата собраниска фотелја, за да го поправи првичниот впечаток и да ја потврди перцепцијата кај дел од јавноста дека е умерен политичар.

Трошењето енергија за вакви теми сигурно не е тоа што го очекуваа граѓаните што безмалку плебисцитарно се изјаснија во прилог на ветениот сосем поинаков начин на водење политика. Изминативе години доволно се изнагледаа глумење одбрана на националната кауза како параван за префрлување на државните ресурси во приватни џебови, па нова доза од истото (само)залажување е последното што им треба.

„Доста демагогија, дајте економија“, упорно повторуваше еден редовен учесник во контактните емисии на овдешните телевизии. Македонците, Албанците и сите останати што останаа во оваа држава со (последна) надеж за подобар живот сакаат да видат конкретни дела, и тоа многу скоро, во исправањето на оваа земја на нозе по седумгодишното раскрчмување од епски неспособните, а максимално алчни и бесчувствителни досегашни властодршци. Што би рекле кумановци, „нож је дошја до коску“ и ама баш никој веќе нема ни време за губење ни трпение за да гледа реприза на истиот филм.

Гаши и „Вреди“ имаат неповторлива можност да покажат дека Македонија им е исто толку значајна колку сопствениот етникум. Да покажат дека не мораат да се „дуизираат“ за да бидат достојни претставници на Албанците во власта. Конечно, да покажат емпатија, пред сè кон своите сограѓани Македонци, крајно сензибилизирани од бескрајните понижувања, а, сепак, значителен дел со очекување дека токму со нив, како антипод на ДУИ, работите најпосле ќе се придвижат во позитивна насока.