„Патот на секоја земја кон полноправно членство во Европската Унија е поврзан исклучиво со интересите на поголемите и посилни земји-членки, кои диктираат дали и кога некоја земја ќе стане дел од елитниот европски клуб, на сметка на исполнувањето на копенхашките критериуми, кои се последниот услов. Ниедна земја нема да стане дел од ЕУ само врз основа на исполнети критериуми, ако за возврат нема ништо да им понуди на помоќните земји, било да станува збор за отстапување на доходовните бизниси и компании, за енергетските потенцијали, за минералните богатства, за купувањето оружје… Македонија најпрво мора да ја врати сликата на сериозна и функционална држава за себе, за да влезе во радарот на нечии интересни сфери, а со тоа да стане интересна и за Европската Унија, со оглед дека нема некои богатства, со кои може да ги заинтересира големите европски играчи.“ – се нагласува во анализана на новинарот Сашо Танески со наслов „Само да не е влогот поголем од добивката…“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Евроинтеграциите како алатка за остварување на интересите на големите
Покрај другото, Танески пишува: Некои од аналитичарите, со кои се консултиравме, сметаат дека Македонија најпрво мора да ја врати сликата на сериозна држава за себе, за да влезе во радарот на нечии интересни сфери, а со тоа да стане интересна и за Европската Унија, со оглед дека нема некои богатства, со кои може да ги заинтересира големите европски играчи. Се согласуваат и другите наши соговорници дека интересите се важни и одлучувачки дали некоја држава ќе напредува на патот кон ЕУ, или ќе биде во застој.
„Ние продадовме сѐ што вредеше во државата, а за возврат не добивме ништо. Дури и името го дадовме за ништо. Тоа беа чекори, со кои во очите на странците се покажавме како несериозна држава и затоа ѝ дозволуваат на Бугарија да си поигрува со нас. Најпаметно за нас е да си ја средиме државата, да зајакнеме економски и на тој начин да создаваме интересни сфери за инвестиции што би ги привлекле големите играчи, но во исто време тоа да значи и бенефиции за нашите граѓани, а не само еднострано користење на нашите ресурси и профит на некој друг.“ – посочуваат соговорниците.
Изјавите за скоро членство во ЕУ се само обична приказна за граѓаните, во кои никој веќе не верува. Исполнувањето на критериумите за членство е само споредно во однос на она, што земјата-кандидат има вистински да го понуди, а од тоа полза да има оној, од кого зависи дали некој ќе влезе во ЕУ, или не. Најдобра потврда дека интересите се пред сѐ и над сѐ е приемот на Бугарија и Романија во ЕУ без исполнети критериуми.
Своето спонзорство за зачленувањето на Романија во ЕУ Франција го искористи да ѝ продаде оружје на оваа држава, со изградба на француски фабрики и преземање дел од романските фабрики. Бугарија дејствува како доверлив француски сојузник во рамките на ЕУ и одработува за француските интереси, токму онака како што официјален Париз одработи за бугарската државна политика по прашањето за Македонија и наметнатата преговарачка рамка за земјава.
Целата анализа тука






