Денеска се одбележуваат 121 година од  Илинденското востание во 1903-та и Крушевската република, а воедно и 80 годинии од вториот Илинден, во 1944 година со АСНОМ – Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија, кога беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.



Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.

Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил  Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

“На темелите на Илинденското востание, на народната револуција и ако сакате прецизно, на двата Илиндена, од 1903-тата и од 1944-тата година почива македонската државност. Почит кон сите кои нѐ задолжија за денеска да имаме слободна држава. Илинден и АСНОМ се темел на македонскиот непокор. Илинденското востание и АСНОМ-ските решенија на идните генерации им го даваат чувството на припадност и ние им пркосиме на сите кои сакаат тоа да го избришат. Македонија не е и нема да биде држава за поткусурување“. Вака универзитетската професорка и научен советник во Институтот за национална историја Катерина Тодороска го објаснува историското значење на Втори август – Илинден, Денот на Републиката.