Македонија во фокусот и на претседателската кампања во Кипар!

Спорот за името на Република Македонија стана една од главните теми и во финишот од кампањата за претседателските избори во Кипар, кои ќе се одржат в недела, по вчерашната изјава на актуелниот шеф на државата Никос Анастасијадис, која неговите противкандидати ја оценија како неприфатлива.



Во интервју за Радио Прото тој изјави дека името не е важно, туку да се отстранат некои навредливи членови на Уставот.

„Името не е важно. Не би имал против да се викаат и Северна Грција, сè додека националните интереси се обезбедени и се најде начин да се надминат одредбите во Уставот на Скопје кои зборуваат за иредентизам“, изјави Анастасијадис.

Ако се отстранат членовите што ја навредуваат, па дури и да претставуваат далечна закана за Грција, името не е важно, бидејќи хеленизмот нема да го изгуби својот идентитет, додаде тој. Изјавата веднаш предизвика критики од конкурентите, па претседателот мораше да се дообјасни преку грчката новинска агенција АНА-МПА дека само сака да ги истакне можностите создадени со решението за ова прашање, под услов интересите на Грција да бидат целосно обезбедени, додавајќи дека Кипар ќе ја поддржи Грција во секоја одлука што ќе ја донесе.

Претседателскиот кандидат Јоргос Лиликас му префрли дека не му е првпат да дава изјави „на штета на националните интереси“. Тој рече дека изјавата е неприфатлива, нагласувајќи дека името не е помалку важно и обвинувајќи го претседателот дека се вплеткал во прашање што треба да го реши само грчката Влада.

Николас Пападопулос, лидер на партијата ДИКО и исто така кандидат за нов претседател на Кипар, ја оцени изјавата како неприфатлива и опасна.

„Г-дин Анастасијадис, практично, ја анулира фиксната позиција на сите грчки влади во изминатите 30 години и провокативно ја загрозува позицијата на Грција во услови на преговори во тек за конкретното прашање“, рече Пападопулос.