На барање на Министерството за здравство, Владата донесе препораки во врска со новиот топлотен бран што се очекува од денеска да ја зафати целата држава.
Во текот на денот се очекуваат температури до 38 степени, УВ-индексот ќе изнесува 9. Температурата утре наутро ќе биде од 12 до 20 Целзиусови степени, а дневната ќе се движи од 31 до 39 степени.
Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, согласно коишто, за периодот од утре 19.06.2024 (среда) до 23.06.2024 година (недела), е предвидено:
1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно: бремените жени и лицата на возраст над 60 години;
2. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
3. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица;
4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.






