„Донирам финансиски средства за две лица, кои сакаат да ја поддржат нашата ракометна репрезентација во живо, на наредниот натпревар!“, напиша Тони Темелковски, Македонец од Торонто на „Фејсбук“, а неговиот пост ја запали социјалната мрежа.
Тони објаснува дека тој не може лично да присуствува на натпреварот и смета дека на овој начин може да даде свој придонес за бодрење и поддршка на македонската ракометна репрезентација.
Вели дека за оние кои ќе ја прифатат оваа негова понуда, која никако не е „за фалење, ниту за привлекување внимание“, ќе ги покрие трошоците за влезници на натпреварот, патните трошоци и оние за ноќевање.
Тој се надева дека ова ќе поттикне и други наши луѓе во дијаспората да го следат неговиот пример.
Единствен услов што бара да биде исполнет е да му бидат испратени фотографии и видео-снимка од натпреварот на нашата репрезентација.
Македонските реперезентативци в недела од 20:30 часот ќе се сретнат со Шпанија на стартот од втората групна фаза, во вторник во тој термин ќе играат со Чешка и в среда од 18:15 ч. со Данска.
„Црвено-жолтите“ стартуваат со три пренесени бода од првиот круг, Шпанија, Данска, Германија и Чешка со по два и Словенија со еден.





