Лоди за херојската смрт на војводата Христо Узунов на 24.4.1905: Со отворените мртви очи гледаше кон бескрајот – Ја видов Македонија тогаш, велика, непобедлива!

„Мила ми мајко, јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе… Но, можам ли, кога ги чувствуам болките на нашата измачена Татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело? Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила. Не жали и не плачи за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги.” – ова е последното, предсмртно писмо на славниот македонски револуционер и илинденец Христо Узунов до неговата мајка Анастасија Узунов пред да се самоубијат тој и неговите 13 соборци во кичевското село Цер, на 24 април 1905 година, за да не им паднат живи во рацете на Турците. Сведок на херојската смрт на војводата Узунов и неговите комити бил Италијанецот Еторе Лоди. Еторе го оставил следното свое сведоштво за тие величествени мигови од македонската историја: „На другиот ден после бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. – Труповите на младите јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв… Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедлива!“ Денес се навршуваат 120 години од јуначката смрт на овој легендарен македонски револуционер, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ. Тој е дел од величествената плејада на национални дејци и борци за слободата на Македонија и македонскиот народ, кои засекогаш ќе вдахновуваат секое македонско поколение со својата саможртва дека Татковината  и нејзината слобода се поважни и од сопствениот живот.

Христо Димитров Узунов е роден во Охрид на 22 февруари 1878 година. Kако ученик на Солунската гимназија Христо Узунов пристапил во ВМРО и раководел со револуционерен кружок. Според некои документи, се смета дека тој во револуционерната организација се вклучува во 1896 година. Христо Узунов бил окружен ревизор на четите на Македонската револуционерна организација за Охридско, Струшко и Кичевско. Од 1903 година бил поставен како главен војвода на охридските револуционерни чети. Учествувал на Смилевскиот конгрес. Прогонуван од турската власт, на двапати бил затворен во Битола. На познатиот Солунски конгрес на Организациjата во 1903 година била донесена одлука да се крене востание.

На конгресот на округот во селото Смилево на 1 маj 1903 година Узунов, како охридски војвода, jа предводел делегациjата на Охридската револуционерна околиjа и предложил да не се крева востание, поради недоволната организираност и слабата вооруженост. Во тоа не успеал. Во Илинденското востание бил член на Горското началство (Штабот) за Охридскиот револуционерен реон. Учествувал во спасувањето на збегот од Рашанец со околу 200 семејства.

За големата посветеност на Христо Узунов кон македонското дело зборува и неговата средба со селаните од село Куратица, веднаш по трагичниот крај на востанието. На таа средба Христо Узунов рекол: „Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за сѐ знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене.”А потоа востаниците ќе му одговорат: „Не, ти не си виновен. Ако раководството даде решение, ние повторно ќе се кренеме.”

Христо Узунов за неуспехот на востанието чувствувал голема грижа на совеста. Неговиот сограѓанин Огненов во едно писмо ќе му напише: „Брату Арсение (прекар на Христо), тие за тебе имаат повеќе од добро мислење (се смета за сограѓаните), те сметаат како идеален… Сите со гордост го споменуваат твоето име и се чувствуваат особено привилегирани, ако некој од нив зборувал со тебе…”

По задушувањето на востанието Узунов останал во охридскиот краj. По одредено време минато на Смилевската планина во декември 1903 година се вратил во своjата околиjа, за да ги обнови растурените комитети на Организациjата. Во текот на 1904-1905 година Узунов главно својата активност ја насочил во организирање борба против присутните пропаганди. На 24 април 1905 година од Крушево заминал за Кичевско, придружуван од страна на 14 соработници и револуционери, добро вооружени четници и двајца војводи, Ванчо Србаков и Пецето. Но, во кичевското село Цер биле опколени од многуброен турски аскер со артилерија. Тие не примиле никаква помош, па биле принудени или да се предадат, или да се самоубијат. Војводата Ванчо Србаков решил на свој ризик, со фрлање бомби да се обиде да се пробие низ огнот, но не успеал.

Во екот на крвавата борба во селото, кога Христо Узунов е сардисан од сите страни, доаѓа попот и го повикува да се предаде: „Војводо! Зборував со кајмакамот, бара да се предадете! Бесмислено е, војводо, Ванчо и Јовче се убиени! … Добро, војводо, Господ нека е со Вас.“ Повикот на попот за предавање не го разубедува тврдокорниот  Узунов и борбата продолжува и понатака. На крајот, Христо Узунов и неговите 13 соборци се самоубиле, за да не им паднат живи во рацете на Турците,

Пред да се самоубие, Христо го оставил следното писмо до сите чесни револуционери: „Браќа, допуштам да сме предадени, но верувам и дека е тоа случајно. Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото сите оние. кои што му служат, зашто само искреноста и често срдечноста ја издигнале внатрешната организација и пак тие ќе ја спасат од аномалноста, во која е поставена од недобросовесни наши другари. Нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата света Организација.“

Давајќи ѝ го ова писмото на Спировица, која при земањето била ранета, ѝ подвикнал: „Последен пат збогум сестро, кажи им на другарите дека славно ќе умрам, смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека делото ќе победи. Македонија ќе роди нови борци, ние ќе живееме во спомените ваши.” Христо го оставил и писмото до неговата мајка Анастасија, кое е наведено на почетокот на оваа статија.