Литовски: Потребни ни се политичари без сомнеж во македонскиот идентитет, кои ќе ја спасат Македонија од распадот и хистеријата на Бугарија!

„Нам не ни требаат луди одроденици и безгрбнички интелектуалци, кои, по оние наши славни државотворци од АСНОМ, денес имаат дилема: дали Македонија е држава и дали Македонците се нација? Нам не ни требаат ниту фашисти и националшовинисти. Во нашата политичка крчма огромна толпа од бесрамни и полуписмени профитери и противмакедонци вреват и прават џумбуси со дамнешни врховистички тези, ‘засилено’ со противмакедонските хистерични врескања и уцени од соседна Бугарија.“ – вели д-р Александар Литовски, универзитетски професор од Институтот за национална историја во Скопје, во својата колумна со наслов „Нам ни се потребни луѓе…“, која ја постави на својот фејсбук-профил. Инаку, колумната е првично објавена под истиот наслов на информативниот портал „Денес магазин“ на 10 јуни 2021 година.



Натаму, покрај другото, Литовски пишува: Поради сево ова нам ни се неопходни високообразовани и чесни политичари, луѓе со непоколебливо чувство за македонска национална самоидентификација, државност и правичност, луѓе кои со јасноста на својата вдаховеност ќе извојуваат победа врз силите на врховистичкото одродништво. Нам ни се потребни доблесни политичари и луѓе, кои ќе ѝ помогнат на Македонија да може да ги надвие сите оние темни сили, што сакаат да ја одвлечат во мракот и во хаосот на дезинтеграцијата, слично на онаа черечење кои го вршеа во време на Балканските војни и на Првата светска војна.

Нам ни требаат слободни и доблесни субјекти, кои го сакаат Животот и Човекот, луѓе кои ќе го бараат своето политичко место на нашата политичка сцена, отворајќи нова чесна и плодородна страница од нашиот општествено-економски и социјален живот. Нам ни се потребни луѓе какви што беа нашите партизански втемелувачи на државата. Тоа беа претежно млади луѓе, кои имаа скоевски и комунистички идеализам со неограничена верба во правдата и иднината, но и со нетрпеливост кон неправдата и противмакедонизмот. Затоа бескрајно ги мразеа окупаторите и квислинзите, саботерите, измамниците, политикантите, петоколонашите, угнетувачите на луѓето и нациите.

Тоа беа наши луѓе, за кои немаше средина и компромис кога се во прашање човечките идеали и македонството. Луѓе, кои, како што докажаа, беа подготвени да жртвуваат сè, па дури и најскапото, своите штотуку започнати животи. Тоа беа наши генерации, кои јуришаа на нивното “парче небо”. Сите зборови, што ги кажувам во слава на македонските партизани, се преслаби и пребледи, за да ги покажат во вистинско светло оние, кои безмерно гордо, безмерно смело „јуришаа на небото“ и – победија!

Нам денес, ни требаат луѓе, интелектуалци и политичари, кои не се сомневаат во македонскиот национален идентитет и македонската национална држава. Онакви, кои се чесни борци за доброто на сите граѓани на Македонија, а не меѓународни полтрони и криминалци, кои ги интересира само нивниот личен интерес.

Само со такви луѓе можрме да ја сочуваме македонската држави и да ја направиме пристојно и посакувано место за живот! Бидејќи, од дамнина се знае: Carere patria intolerabile est! (Неподносливо е да се биде без татковината! – изрека на Сенека, филозоф, драматург и државник од античкиот Рим – заб.прев.)