„На денешен ден, на 7 јануари 1943 година бугарскиот окупатор и неговите домашни слуги во Македонија ја убиле Марија Ангелова Ѓорѓиева (Маца Овчарова). По борбата кај Зелениково таа била тешко ранета, ја заробиле и потоа два дена ја измачувале. Маца Овчарова била фрлена на Божик во јама и закопана жива. Таа е припадничка на македонското народноослободително движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.“ – објави на својот фејсбук-профил д-р Александар Литовски, универзитетски професор во Институтот за национална историја во Скопје. Во своја статија од 25 август 2021 година „Македонска нација“ ги изнесува и овие детали околу усмртувањето на Маца Овчарова: Во борбата на 7 јануари 1943 година со бугарските сили кај Дреново и Зелениково партизанскиот одред „Димитар Влахов“ имал забележливи загуби. Маца Овчарова била тешко ранета како дел од тој партизански одред при повлекувањето со својот соборец и политички комесар на одредот Трајко Бошкоски – Тарцан Илинденски, кој се самоубил со последниот куршум. Маца Овчарова и телото на Тарцан, инаку и поранешен командант на Прилепскиот одред, кој го извршил нападот на 11 октомври 1941 година во Прилеп, биле однесени во село Р’левци. Младата партизанка два дена била мачена во училишниот подрум. Откако ништо не можеле да дознаат за одредот, разбеснетиот бугарски окупатор ја фрлил Маца во отворената јама, каде што било телото на Тарцан. Додека Овчарова по нивна наредба ја местела главата на Тарцан, тие пукале во неа и во присуство на сведоци од месното население на Р’левци, додека била се уште жива ја затрупале со земја. Марија Ангелова Ѓорѓиева (Маца Овчарова) била погребана во заеднички гроб со Тарцан во близина на црквата ‘Св. Спас’ во село Р’левци. Дури кон крајот на 1944 година нивни роднини ги откопале посмртните останки на двајцата борци за слобода на Македонија и ги пренеле во родните места. Телото на Маца било пренесено во Велес, а на Тарцан во Прилеп.
Професорот Литовски и „Македонска нација“ натаму за животната и борбената биографија на Марија Ангелова Ѓорѓиева (Маца Овчарова) напишаа: Таа е родена на 19 март 1922 година во Велес во работничко семејство. Како млада почнала да работи во Монополот, каде што се вклучила во работничкото движење. Уште пред почетокот на Втората светска војна таа била еден од поистакнатите членови на напредното младинско револуционерно движење во Велес, со кое се поврзала. До 1942 година Маца Овчарова членувала во повеќе младински групи во Велес. По окупацијата во 1941 година активно го помагала Народноослободителното движење со женската младина во градот. Учествувала во собирањето на „Црвената помош“, растурањето на летоци и напредна литература, потоа во собирање на оружје, храна и друго за потребите на борците во одредот.
Во септември 1942 година Марија се приклучила на партизанскиот одред „Димитар Влахов“, со кој учествувала во сите борби против бугарската војска, полиција и контрачетници. Таа секогаш била во првите борбени редови и се истакнувала со својата храброст. Кон крајот на 1942 година окупаторските сили започнале офанзива, заради конечно уништување на одредот. Во таа офанзива во Зелениковската борба Маца Ѓорѓиева бидува тешко ранета, а потоа мачена и на 7 јануари 1943 жива закопана во јама со беживотното тело наТрајко Бошкоски – Тарцан.
Универзитетскиот професор по историја Александар Литовски во објава на фејсбук ја донесува животната и борбена биографија и на Трајко Бошковски-Тарцан: Тој е припадник на македонското народноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден е на 12 јуни 1918 година во селото Голем Радобил, Прилепско. Од 1935 година е член на СКОЈ. Во времето на Илинденските демонстрации во 1940 година во родниот Прилеп Тарцан одржал два забележителни говора. Член е на КПЈ од 1941 година и член на Месниот комитет на Прилеп.
Како политички комесар е на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ ја предводи групата, која ја нападна полициската станица (участакот) во градот на 11 октомври 1941 година, со што е означено Востанието на македонскиот народ против германските, италијанските и бугарските окупатори на Македонија и нивните домашни соработници во Македонија во Втората светска војна.
Од декември 1941 година Трајко Бошковски-Тарцан е именуван како член и инструктор на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, а од април 1942 година и како политички комесар на Покраинскиот ОШ. Во септември 1942 година ја извршува и функцијата политички комесар на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Петпати бил осудуван на смрт од бугарските судови. Во борба со бугарските полициски и воени сили бидува тешко ранет и со последниот куршум се самоубива.





