Една од омилените летни манџи е токму оваа со млада зелка и многу зеленчук. Oвој рецепт е едноставен, а многу вкусен.



Состојки:

-1 – 1,2 кг главица зелка
-400 гр свинско месо (врат, плешка, ребро)
-2 средни главици кромид
-3 – 4 моркови
-1 пиперка
-1 домат
-1 лажичка црвен пипер
-1 лажичка мешан зачин
-1 лажичка сол
-по вкус бибер
-малку масло
-100 мл вода

Подготовка:

Зелката се сече на покрупни парчиња кои се редат во еден слој на дното на тенџерето. Над првиот слој зелка се реди месото исечено на парчиња. Пожелно е месото да не е посно, зошто зелката трпи помасно, а може да се стави и димено месо. Потоа се става кромидот исечен на полумесечинки, морковот исечен на подебели кругови, пиперката на полукругови и доматот исечен на коцкички. Се ставаат зачините и над се` се реди уште еден слој од покрупно исечени парчиња зелка. Одозгора се става маслото и се налева водата. Тенџерето се затвора со капак и се става на силен оган додека не проврие, а потоа се намалува температурата и се крчка на многу тивко околу 3 часа.