Македонските деца кои лани на островото Крит победија во неколку категории на глобалната роботска олимпијада сега мораат да организираат хуманитарна забава за воопшто да можат да заминат на настанот и да се обидат да го повторат успехот.
Тимовите на СТЕМ Академија лани освоија прво и второ место на Глобалната спортска роботска олимпијада во Грција.
Сега за да го обезбедат парите кои им недостасуваат за превоз, пат и храна младите таленти организираат забава која ќе се одржи на 24 Февруари во Beer Garden од 19 до 21 часот.
На забавата ќе настапат Сашко Коцев и Live Band Unlimited.
Доколку ги соберат парите за да покријат трошоците титулата ќе ја бранат од 11 до 14 април на Крит.

Лани тимовите на СТЕМ Академија, Скопје Space Walkers и Space Walkers Jr. беа апсолутни победници на Глобалната спортска роботска олимпијада (ROBOTSPORTS COMPETITION GLOBAL OLYMPIAD) што се одржа на Крит, Грција, во периодот од 26 до 29 април. Тие го освоија првото и второто место во престижната категорија „Пентатлон арена“ во конкуренција на 1450 тимови од 36 земји.
На настанот се бараше од тимовите да дизајнираат и програмираат самонаведувачки роботи. Роботите треба да завршат најмалку пет сложени мисии на специјализирано роботско поле. Тимот Space Walkers се истакна со освојување на најголемиот број на поени меѓу сите тимови учесници, покажувајќи квалитет во тимската работа, во која создадоа робот со исклучителни можности и одличен дизајн.
Тимот на Space Walkers Jr освои второ место во истата категорија, но доби и награда за Иновативен проект. Нивната презентација е препознаена како најдобра, со што се издвои вредоста на СТЕМ Академија, Скопје во поттикнување на креативноста и развој на комуникациските вештини кај своите студенти.
СТЕМ Академија е водечка образовна организација посветена на обезбедување иновативни програми СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика) за ученици на возраст од пет до 16 години. Со фокус на практичното учење, апликациите од реалниот свет и меѓународната соработка, СТЕМ Академија ги поттикнува студентите да напредуваат во областите на науката и технологијата кои брзо се развиваат. СТЕМ Академија е единствена организација од земјава која е глобално акредитирана за СТЕМ образование.






