Москва ја „рафинира“ својата нуклеарна доктрина наспроти западните политики, кои се чини дека намерно се насочени кон ескалација, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Неговите коментари доаѓаат откако Украина ги повика западните донатори на оружје да одобрат употреба на нивното оружје за напади длабоко на територијата на Русија. Лавров рече дека Москва ги толкува тие барања како одвлекување на вниманието од сопствената улога на Западот во зголемувањето на тензиите со Русија.
„Западот не сака да избегне ескалација. Западот, како што велат, си ја бара белјата“, им рече тој на новинарите за време на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Шаја Мохсен Ал-Зиндани од владата на Јемен со седиште во Аден.
Лавров смета дека изјавите на американските функционери, кои тврдат дека Европа ќе настрада прва во нова светска војна, откриваат пропуст во американското геополитичко размислување.
„Планерите во САД се убедени дека можат да седат на страна во хипотетичка војна со Русија“, рече тој. „Американскиот менталитет е тој на господар, кој седи на другиот брег убеден во својата безбедност и оти другите ќе ја завршат валканата работа за него. Изгледа очекува другите да умрат за него, не само Украинците, туку и Европејците“.
Американските власти се „како мали деца кои си играат со кибритчиња. Ракувањето со нуклеарно оружје е опасна работа за возрасните“, додаде шефот на руската дипломатија. „Ние ја имаме нашата нуклеарна доктрина, која патем, во моментот се усовршува и за која Американците добро знаат“, рече тој.
Руската нуклеарна доктрина дозволува распоредување оружје како одмазда за првиот удар од непријателот или кога постоењето на руската национална држава е загрозено. Кремљ укажа во последниве месеци дека клучниот документ може да биде изменет со оглед на она што го смета за егзистенцијална закана што ја претставува НАТО за Русија.






