„Штета од 3,5 милиони евра предизвикаа три лица и една фирма за откуп на стари акумулатори.“ – соопшти Финансиската полиција. Во Основното јавно обвинителство во Штип е поднесена против сите нив кривична пријава за измама и за фалсификување.
Парите завршувале на сметка на отпад за стари акумулатори врз основа на лажни потврди за откуп на стока. Еден вработен во отпад и директорот на отпадот на акумулатори заедно со третиот соучесник, којшто е вработен во оштетената компанија, изготвувале лажни фактури за наводно купување на акумулаторите, иако во реалноста немало купување и преземање на стоката. Според финансиската полиција, оштетената фирма ги плаќала фактурите, со што била измамена за 214 милиони денари или за околу 3 и пол милиони евра.
„Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против три физички и едно правно лице, поради постоење основан сомнеж за сторени кривични дела измама и фалсификување исправа, како и за сторена штета од 214, 4 милиони денари, односно од околу 3 и пол милиони евра.“ – соопшти Финансиската полиција.





