Крај на „Новогодишна кошница“ – од сега трговците сами ќе ги формираат цените во маркетите

На рафтовите во маркетите веќе ги нема ознаките, „помалку трошоци, повеќе за тебе“, од сега веќе не важи акција „Новогодишна кошница“ со која се намалија преку 1.000 производи. Па така, трговците сами ќе ги формираат цените во маркетите. Нема гаранција дека цените нема да бидат повисоки, велат од Стопанска комора на Северозападната Македонија.



  • Најверојатно ќе одат нагоре тие се на слободен пазар, а ние не се мешаме на слободниот пазар. Можеме да се мешаме ако има џентлменски договор да треба да ги намалиме цените на тие главните производи. Јас би предложил би апелирал да нема покачување на цените но мора да има некој договор“, изјави Менди Ќура, претседател на Стопанска комора на северозападна Македонија.

Од комората предложиле и кога ќе се формираат новите кошнички за време на празници, добро да се утврди кои производи ќе се опфатат за да се намали бројот на продукти чии цени ќе треба да се намалат за да може попустот да биде поголем. Исто така, предложиле ако дојде до сериозни пореметувања на пазарот, наместо кошнички и други мерки, да се активираат стоковите резерви.

Од министерството за економија апелирале до производителите, дистрибутерите и трговците да ги задржат цените на производите на исто ниво и по завршувањето на акцијата. Беше упатен апел и опомена до сите чинители во ланецот на прехранбени производи во наредниот период да не дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи, по завршување на Новогодишната кошница, за да не се носат мерки страна на Министерството за економија и труд, односно беше кажано дека Министерството ќе ги искористи сите механизми кои ги имаме на располагање за да се заштити стандардот на граѓаните.

  • Владата треба почесто да креира вакви мерки, меѓутоа без да ги информира за тоа трговците, имајќи во предвид дека ја злоупотребуваа секоја можност, односно секој период помеѓу една до друга кошничка за да ги зголемат неоправдано цените и за потоа на хартија да личи дека ги намалиле истите и дека помогнале во целиот процес, рече Слободан Трендафилов од ССМ.

Новогодишната кошничка траеше еден месец и со нејзе беа опфатени речиси 1200 производи од 96 производители. Следната се најавува за на пролет, во пресрет празниците Рамазан и Велигден.