Крај за „ајфони“ наменети за американски пазар кои се прават во Кина – „Епл“ со трошоци од 900 милиони долари

„Епл“ објави дека веќе нема во Кина да произведува најголем број „ајфони“ и други уреди кои се наменети за американскиот пазар, со цел да ги избегне новите царини на Доналд Трамп. Место Кина, „ајфони“ ќе се произведуваат во Индија, а останатите електронски уреди во Виетнам, кажа извршниот шеф на „Епл“, Тим Кук.



Ова доаѓа откако технолошкиот гигант проценил дека американските увозни давачки би можеле да му ги зголемат трошоците во сегашниот квартал за 900 милиони долари, и покрај одлуката на Трамп да ги изземе клучните електронски уреди од новите царини.

Со цел да го ублажи влијанието од царинските давачки, „Епл“ ги пренасочува своите пратки и активно бара алтернативи за преместување на дел од производството од Кина во други земји. Според најавите, новите царини на САД би се однесувале на увоз од Кина, со стапка до 145 проценти. Како одговор, Пекинг воведе царина од 125 проценти на американската стока и го ограничи извозот на важни технолошки минерали.

И покрај трговските тензии, двете страни сигнализираа подготвеност за започнување преговори со цел прилагодување на трговските услови. „Епл“ веќе презема чекори за диверзификација на своето производство. Половина од iPhone уредите наменети за американскиот пазар веќе се произведуваат во Индија, а според Кук, тоа ќе продолжи да расте. Компанијата, исто така, планира да ги испорачува речиси сите iPad, Mac и Apple Watch уреди во САД од фабрики во Виетнам.

Потегот за префрлање на производството започна уште за време на пандемијата, кога ограничувањата во Кина открија сериозни слабости во глобалниот синџир на снабдување на „Епл“. Иако голем дел од уредите сè уште се склопуваат во Кина, компанијата активно работи на зголемување на продукцијата во други држави.

  • „Очекуваме најголемиот број ‘ајфони‘ продадени во САД да потекнуваат од Индија. Во исто време, Виетнам ќе биде главниот центар за производство на брендовите ‘ајпад‘, ‘мек‘, ‘епл воч‘ и ‘ерподс‘. Во Кина ќе продолжи да се произведува мнозинството наши производи наменети за пазарите надвор од САД“, изјави Кук.

Владата на Трамп постојано бара од „Епл“ да го пресели своето производство во САД. Кук кажа дека „Епл“ планира да вложи 500 милијарди долари во неколку американски сојузни држави во следните четири години.