Кој ѝ се заканува на претседателката на Македонија Давкова дека може да заврши на „црната листа“ на САД, „ако го крши Преспанскиот договор“?!

Информативната агенција на албански јазик „Журнал“ објави куса статија под наслов „Според одлуката на претседателот на САД, прекршувањето на Договорот од Преспа е основа за ставање на ‘Црната листа“, која, без никакво сомневање е закана, или предупредување најдиректно упатено до новоизбраната претседателка на Република Македонија проф.д-р Гордана Силјановска-Давкова дека може да биде ставена и таа на „Црната листа“ на САД, ако продолжи да го „прекршува Преспанскиот договор“ со неспоменувањето на „северна Македонија“ и ако продолжи „да го дестабилизира Западниот Балкан“! Во статијата на „Журнал“ не се споменува директно името на претседателката Силјановска-Давкова, но, имајќи ги предвид најновите политички случувања во Македонија по нејзината инаугурација и жестоките „добрососедски“ и домашни реакции по изоставањето на „северна“ од претседателската заклетва, многу е јасно кому му се упатува таквата закана, или „предупредувачко потсетување“! Но, сериозна дилема остава еден дел од статијата на информативната агенција „Журнал“: пред неа е напишано: „Вашингтон, 14 ноември“. Дали ова значи дека тој текст е произлезен од „некого во Вашингтон“, но и од кого конкретно, или е, сепак, „укажување“ до шефицата на македонската држава Силјановска-Давкова само од односната агенција оти може да биде ставена на американската „Црна листа“, на која, инаку, доспеваат светски терористи, или политички екстремисти?!



„Журнал“ во споменатата статија, покрај другото, напиша: „Вашингтон, 14 мај – Американскиот претседател Џозеф Бајден на 8 јуни 2021 година ја одобри (ја дополни) „Извршната наредба за замрзнување на имотот и запирање на влезот во Соединетите Држави на одредени лица, кои придонесуваат за дестабилизирачката ситуација на Западниот Балкан“.

„Понатаму (III), се нагласува дека таквата извршна наредба се однесува и на лица, кои се одговорни, или се соучесници, директно или индиректно, во кршење, попречување, или како закана за спроведувањето кој било договор, или рамка за регионална безбедност, мир, соработка, или меѓусебно признавање, или механизам за одговорност, поврзан со Западниот Балкан, вклучувајќи го и Договорот од Преспа од 2018 година; Охридскиот рамковен договор од 2001 година…“