Дали бил оправдан оптимизмот во Скопје и Атина дека прашањето околу разликите за името конечно ќе биде затворено во наредните неколку месеци, ќе покаже средбата на преговарачот Метју Нимиц со преговарачите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис закажана за утре односно задутре во Брисел.
Новата рунда разговори почнува по подолга пауза, но евидентно е дека и двете страни се под притисок, пред с’е поради големите ветувања дадени пред домашната јавност, дека „спорот“ наметнат да се решава со Времената спогодба од 1995 година требало да биде решен до јули идната година.
Поточно пред Самитот на НАТО на кој се очекува Македонија да биде примена во Алијансата, се разбира под услов да го „корегира“ сегашното уставно име на кое Атина жестоко се противи.
Најавите и во Скопје и во Атина одеа во насока дека целиот процес ќе, односно мора да заврши до март или април, зашто по тој период Грција ќе почне подготовки на претседателски избори во 2019 што само по себе како изборна година ќе биде пречка за било какви преговори.
Доколку се постигне некакво решение за кое – во стилот на Ангела Меркел се вели дека ќе биде компромис во кои двете страни ќе бидат приближно еднакво незадоволни – властите во двете земји ќе мора да се свртат кон домашната јавност и да ја убедат дека договореното решение е подобро и поприфатливо од 27-те години речиси отворено непријателство.
Останува непознато дали Метју Нимиц во Брисел ќе дојде со предлог за име или во негов стил ќе ги слушне „новите интересни идеи“, што ќе бидат основа за изнаоѓање конечно прифатливо решение.
Можно е медијаторот Нимиц од Њујорк во Брисел да носи комбинации од стари предлози кои ќе сака да ги прецизира на посебни средби со двете делегации. Тотоа на заедничка конференција ќе треба да се пеглаат разликите, пренесува ТВ Алфа.
Грчки извори лиферуваат неколку сценарија како би требало да изгледа новиот пакет за името и пред се таканаречената идентитеска компонента, но с’е уште се е во сферата на шпекулациите.
Да потсетиме македонската страна најави нов пристап кон проблемот, а македонскиот премиер пред два дена соопшти дека помина времето кога сме ги провоцирале Грците. Ова меѓу другото значи подготвеност за отстапување од некои потези кои грчката страна ги сметала за иредентистички, но и отворена најава дека сме за промена на име, но доколку не се задира во идентитетот.
Проблем има и грчката страна. Причина се цврстите „црвени линии“ кои дури и со цела македонската конструктивност не можат лесно да бидат надминати.
Ципрас можеби му порача на Скопје да престане “со реториката за единствени наследници на Александар“, но заедничкото прифатлив решение бара повеќе од тоа.
Во изминатиот период одредени кругови во Грција, па дури и коалициониот партнер на „Сириза“, лидерот на Вистински Грци, Панос Каменос, отворено се спротивставија на решение со географска одредница како „горна“ или „Северна’ и залагаа за решение во кое нема да биде вклучен и зборот „Македонија“.
Неодамна, пак, грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас јасно стави до знаење дека преговорите нема да бидат само околу името туку и околу јазикот, изведениците, употребата на името во трговски цели…
Се чини пред Нимиц, Василакис и Наумовски претстојат компицирани преговори кои можеби би се надминале само доколку една од страните се повлече од длабоко вкопаните позиции.





