Oпштина Тетово преку ЈП „Транспорт Тетово“ склучи договор со компанијата „Е – Проперти“ за изградба и реконструкција на градскиот стадион, спортски центар и фудбалско игралиште, објави РСЕ. Вредноста на договорот е 11,5 милиони евра, а го доби фирма во сопственост на „Еколог интернешнл“, фирма која (ин)директно се поврзуваше со фабриката за производството на електрични автомобили.

И должници и инвеститори. И покрај тоа што и општина Тетово како инвеститор и јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ кое ќе го реализира тендерот за реконструкција на градскиот стадион и други спортски објекти се во долгови, сепак, влегуваат во милионска инвестиција. На 18 март 2024 година, ЈП „Тетово Транспорт“ склучи договор со компанијата „Е-Проперти“ од истоимениот град за сума од 11,5 милиони евра со вклучен ДДВ.
Според договорот објавен на Бирото за јавни набавки, рокот за кој треба да бидат завршени градежните работи е за три години. Како што објаснуваат од општина Тетово, по тој рок ќе и бидат исплатени парите на компанијата.

- „Парите за оваа инвестиција општина Тетово ги обезбеди преку својот претходно утврден финансиски план, а плаќањето ќе почне да се врши после три години. Инаку, општината го идентификуваше секторот за спортска инфраструктура како приоритет и успеа да обезбеди средства за оваа намена со користење на постоечките ресурси и внимателно планирање на јавните финансии“, велат од општината за РСЕ.
Според последните официјални податоци на Министерството за финансии за последниот квартал од 2023 година, Тетово е најзадолжена општина во Северна Македонија со доспеани, а неплатени обврски во вредност од 513.544.758 денари или 8,350,321 евра. Моменталниот долг на ЈП „Тетово -Трапнспорт“ изнесува 1.430.925 денари или 23,267 евра. Како што наведуваат од општина Тетово, овој долг е наследен од претходните гарнитури кои го раководеле претпријатието, кое е основано од општината во 2019 година.
На прашањето зошто општината влегува во инвестициски потфат во услови на наталожени долгови, од кабинетот на градоначалникот Биљал Касами одговараат дека „овие инвестиции се чекор кон развој на спортската инфраструктура, додека општината има изготвено јасен финансиски план за реализација на овие проекти и дека оваа инвестиција ќе донесе долгорочни придобивки за заедницата и за локалниот спорт“. Повеќе на РСЕ.





