Партијата на Македонците во Бугарија е револтирана од злоупотребата на името на партијата на средба во Македонија.
“Со големо изненадување дознаваме од интернет за наводна средба меѓу делегација на Претседателството на ОМО „Илинден“-ПИРИН и „СеМакедонски Национален Совет – Македониум“ со претседател Спас Олумчев на 29 11 2017 г. во Струмица и за ставови, одлуки и повици прифатени на истата (види https://web.facebook.com/general.olumcev/posts/1806593762716678). Во врска со таквото соопштение неопходно е да ја информираме јавноста дека:
1. Делегација на Претседателството, а ниту некој член на Претседателството на ОМО „Илинден“-ПИРИН не присуствувале на таква средба. Партијата ниту е известена за решенијата за кои се спомнува во информацијата, ниту ги има дискутирано или одобрувано истите.
2. Стојан Георгиев, чие име се спомнува во соопштението, се јавува почесен претседател, но не и член на Претседателството. Титулата му дава само почесни, а не и ефективни функции, освен ако специјално не биде ополномоштен за нешто повеќе од Централниот совет или Претседателството на партијата. Никој од овие два највисоки органи на партијата не го имаат ополномоштено во случајот, а ниту се известени од него да учествувал и да потпишувал некакви решенија во Струмица. Според тоа дури и да присуствувал на таква средба, тоа не било како претставник на ОМО „Илинден“-ПИРИН, туку единствено како приватно лице.
3. Текстот на цитираното соопштение не може да се третира како нешто што изразува став на ОМО „Илинден“-ПИРИН“ и ништо во него не може да се наведува како позиција на партијата.
4. Претседателството на ОМО „Илинден“-ПИРИН го изразува својот револт од злоупотребата со името на партијата!
Претседателство на ОМО „Илинден“-ПИРИН
01.12.2017 г.”
Соопштението на СеМакедонски Национален Совет – Македониум
На ден 29.11.2017 година во Ново Село се одржа средба на делегации на СНС МАКЕДОНИУМ и ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН.
Разговарано е за актуелната политичка состојба во Македонија, положбата и состојбата со правата на Македонскиот народ во Пиринска Македонија и Бугарија воопшто,како и за потребата од понатамошно усогласување на активностите и соработката во интерес на Македонскиот народ. Двете делегации предводени од Претседателот на СНС Македониум Г-н Страшко Олумчев и почесниот Претседател на ОМО Илинден Пирин Г-н Стојан Георгиев, зазедоа заеднички став дека овие историски времиња, каде врз Македонскиот народ во Македонија и во соседството се врши невидена пресија и етноцид, неопходно е веднаш да профункционира Генералниот Совет на Македонците и Македонскиот народ каде и да се наоѓа да го крене својот глас против предавствата врз Македонија, асимилаторскиот однос од страна на соседните држави,етноцидот кој се врши врз Македонскиот народ како и против сите обиди за одземање на нашиот идентитет. Во таа смисла договорени се понатамошни заеднички активности и уште една средба на која би се прецизирале сите детали.
СеМакедонскиот Национален Совет- Македониум и ОМО Илинден Пирин го повикуваат Македонскиот народ во Македонија и надвор од Македонија, секаде каде што не има, да се организира и крене на масовни протести против самоволието на антинародната власт во Македонија, во одбрана на нашиот идентитет како народ, да се спротивставиме како народ на одлуката на Синодот на МПЦ и да им дадеме до знаење дека право и тапија на одлука по Македонските национални прашања има само и единствено Македонскиот народ и никој друг !
СеМакедонски Национален Совет
– Македониум




