Градоначалниците имаат уште три дена да аплицираат со инфраструктурни проекти. Во среда истекува крајниот рок до кој тие можат да поднесат барања за финансирање на проекти од страна на Владата во висина од 245 милиони евра, пари обезбедени со кредит од Унгарија. Како што објави Алфа, досега 63 општини беа ажурни и веќе поднесоа апликации за да го подобрат живеењето во нивните општини. На пример, градоначалникот на општина Бутел побарал пари за десетина проекти, а апликацијата ќе ја дополнат со уште 38 проекти меѓу кои децениските барања на жителите за нова поликлиника, нов плоштад со културен дом, изградба на затворен базен, модернизација на училишта, мостови и многу други. Тој вели дека во неговата општина има интензивна градежна динамика која ќе продолжи до крајот на неговиот мандат.

Градоначалникот на Петровец, Борче Митевски вели дека реализацијата на проектите значително забрзала откако Владата одлучи да ги финансира преку унгарскиот кредит. Во вториот повик пријавиле неколку поситни инфраструктурни зафати, но и нов културен дом во вредност од 600 илјади евра. Митевски аплицирал за финансиска инјекција од вкупно 1.3 милиони евра.
Бизнисмените тријат раце. За нив градежниот бум на општинските власти значи повеќе работа и закрепнување на секторот. Иако предупредуваат дека е можен одреден застој поради распишувањето на локалните избори, сепак се надеваат на поголема ажурност од страна на градоначалниците и изведба на проектите во зацртаните рокови.
Министерот за локална самоуправа информираше дека до 23-ти април, 63 општини аплицирале з аунгарските пари со 450 проекти за патишта, водоводи, пречистителни станици, училишта, спортски сали. 36 општини аплицирале со проекти во максимална вредност на парите што им следуваат согласно формулата по глава на жител. 27 општини се уште имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума. Најголем дел од апликациите се однесувале на модернизација на патиштата во општините. Перински посочи дека 17 општини воопшто не поднеле барања за ниту еден проект.





