„Владата на Киријакос Мицотакис добро знае дека претседателката Силјановска-Давкова не го прекрши Преспанскиот договор. Но Мицотакис реши да го отвори македонското прашање, да ја отвори старата рана, за да продолжи пожестоко со тој процес на демакедонизација и на тоа малку што останало македонско. Грчката дипломатија води битка низ целиот свет и бара бришење на македонските имиња на стотици македонски здруженија, клубови, граѓански асоцијации, па и добротворни организации. Тие имаат цел со лабораторискиот Преспански договор да создадат – нова лабораториска нација. Предвидено е да се почне со меко грцизирање и на ‘територијата на * Македонија’, што треба да заврши со новоформирана инстант нација на ‘северномакедонци’.“ – се нагласува во статијата со наслов „Стравотни манипулации на Атина со Преспанскиот договор“, која е објавена во весникот „Нова Македонија“.
Натамошна демакедонизација на Македонија во насока на создавање нова „лабораториска нација“
Покрај другото, натаму во статијата пишува: Сега кога е јасно дека Грција има намера само селективно да го примени договорот, на Македонија ѝ останува голем простор за маневрирање на дипломатски план и објаснување на состојбата. Во еден таков контекст, се потсетуваме на изјавата на прес-конференцијата на Шон Мек Кормак, портпарол на Стејт департментот од октомври 2008 година. „Ако Македонија сака да биде Македонија ние тоа го признаваме! Ако Македонија реши пред меѓународната заедница да го смени своето име и ако е тоа со полна поддршка на македонската влада и од македонскиот народ, не верувам дека ние нема да се согласиме со тоа“.
Оваа реченица на Шон Мек Кормак е кажана одамна и пред да се случи преименувањето на државата, по Преспанскиот договор и уставните измени, но добро е да се повтори, затоа што во себе содржи некои многу важни нешта од областа на правото. Пред сѐ, треба да има согласност од народот, а второ и согласност во македонската влада. Токму овде уште еднаш треба да се нагласи дека токму народот гласаше на референдум против промена на името, но тоа стана само „консултативен референдум“.
Но деновиве Никос Коѕијас се пофали дека е творец на Преспанска спогодба, за нас чудовишна. Ни кажа дека „со еден договор успеал да избрише една држава и еден народ со целата негова историја, традиција, култура и вредности“. Во својата колумна, објавена во весникот „Катимерини“, тој нагласува и дека „Договорот од Преспа е од максимално геополитичко значење“.
Цел: Формирање нова „северномакедонска“ или „славомакедонска нација“
Не ја форсира само Коѕијас употребата на терминот „северномакедонци“ или „славомакедонци“. Со ова само се разоткрива натамошната стратегија за „армирање на името на новата нација“, која би била „или северномакедонска или славомакедонска“?! На Грција ѝ е сеедно. Според Коѕијас, за неа е важно – да се избришат Македонците.
На грчката стратегија за обид за продолжување на нашата натамошна демакедонизација може да се одговори и со барање за почитување на колективните права на Македонците во Македонија. Секој што се чувствува Македонец, а не и „Граѓанин на Република Северна Македонија“ може да бара тоа да се смени во неговите документи. Тоа е негово основно право. Треба да се обновуваат и зацврстуваат врските со нашите најблиски роднини во Егејска Македонија, да им покажеме дека не сме се заборавиле и да се поттикнува соработка со нашите Македонци и во Бугарија, Албанија, во Косово.
Нашите соговорници, професори, предупредуваат: со Преспанскиот договор ѝ дозволивме на Грција да ни ја избрише античката македонска историја, која сега, според Грците, ни почнува од 7 век?!, а зарем да ѝ дозволиме повторно и на Софија македонската историја насилно да се ревидира и да започнува од 1944 година?!





