Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, се залага за „чесен компромис“ со Македонија, чија интеграција во Европска унија без договор со јужниот сосед е илузија, порача тој во интервју за весникот „Етнос“.
„Сите наши партнери мора да разберат дека двете страни мора да постигнат чесен компромис. Потребата од консензус и компромис ја сфатија и Европејците, кои претходно создадоа илузии во раководството на пријателската земја дека патот кон пристапувањето во ЕУ и во други организации може да го отвори без компромиси. Нашиот сосед веруваше дека може да продолжи со интегрирање во евроатлантските институции без договор со нас, што е невозможно. Некои овде, пак, веруваат во илузијата дека инерцијата во надворешната политика е оружје“, изјави тој.
Коѕијас не сака да ја открие тактиката со која Грција ќе настапи во претстојните преговори со Македонија во Брисел.
„Мислам дека по малку е глупаво од некои опозициски политичари што бараат дури и пред да се почне со преговорите да се каже во јавноста нашиот став. Позициите и предлозите што ќе ги претставиме во преговорите се дел од тактиката. Истото важи и за БЈРМ и за Кипар. Тие (опозиционерите – н.з.) можеби немаат искуство со вистински преговори и бараат од нас однапред да ја договориме нашата стратегија за преговори со трети страни“, изјави шефот на грчката дипломатија.





