Ние сме подготвени за име со географска одредница, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката пресконференција со евроамбасадорот Самулел Жбогар.
Оваа негова изјава се смета за одговор на прозивката од министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, кој вчера во интервју а Еуроњуз побара од македонската Влада јавно да соопшти која придавка е прифатлива за новото име.
„Сакам да успее преговарачкиот процес, ние сме подготвени за географска одредница и тука ќе застанам затоа што знам дека ова е чувствително прашање. Да дадеме шанса да успее преговарачкиот процес. Јавно се позиционираме, нашите ставови се јавни и се надевам на решение“, изјави Заев.
Премиерот дополни дека е оптимист оти во следните шест месеци може да се најде решение кое конечно ќе го затвори дводеценискиот спор со Грција.
„Ги следиме настаните во Грција и реакциите дома. Јас сум оптимист. Решение мора да има. Нема да биде лесно, но може. Ако водиме грижа за јужниот сосед и тој за нас, убеден сум дека ќе најдеме заедничко решение“, рече Заев.





