Коцевски: Полицискиот службеник морал да провери дека за Груби има мерка „стоп“

 

Запрашан дали поранешниот прв вицепремиер АртанГруби бил пуштен да избега, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вели дека е отворена постапка во Обвинителството за полицискиот службеник кој без да провери го пуштил да ја напушти земјата.



„Се водеше предистражна постапка со тоа што, неколку дена пред Груби да ја помине границата, по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје беше дадена мерка ‘стоп’.

Што значи дека штом е таа мерка ‘стоп’ дадена, на сите наши граници, службеникот што ги проверува документите треба да провери и да види дали тоа лице може да ја помине границата или не. Министерот за внатрешни работи соопшти дека се работи за човечки фактор.

Против лицето коешто го пропуштило е заведена постапка во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, со оглед дека се работи за полициски службеник“, рече Коцевски во интервју за „360 степени“ .

Коцевски смета дека не треба да се верува во други теории освен она што Обвинителството се обидува да го провери, а за таа намена обезбедило снимки од камери, сослушува сведоци и истражува како побегнал поранешниот вицепремиер.

Државниот обвинител рече дека тој лично не знае каде е Артан Губи во моментов, но се надева дека, со оглед на тоа што за него е распишана меѓународна потерница, ќе биде испорачан во државава.