„Тимот на јавни обвинители, којшто ја води истрагата за пожарот во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, ги прибавил сите издадени лиценци за работа на објектот од 2012 година сѐ до денот на кривично-правниот настан. Според увидот во предметите, немало ниедна лиценца со целосна документација!“ – посочи синоќа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервјуто за Телевизија Телма..
Како што истакна Коцевски, Министерството за економија, кое што е надлежно за издавање на лиценци за работа, требало да ја оценува сета документација, што е неопходна, за да биде издадена лиценцата за работа, бидејќи, како што рече, во конкретниот случај министрите издавале лиценци врз основа на непотполна документација. „Сите лиценци, иако се издавани, немале потполна законска документација. Министрите издавале лиценци врз основа на непотполна документација. Од Дирекцијата за заштита и спасување немало елаборати и правилна документација, на која би можел министерот да издаде лиценца. Тука се надоврзува градежништво, документи од локалната самоуправа и тн. Сите потребни документи за издавање лиценца министерот требало да ги оценува и да издаде лиценца. Од увидот во предметите за издавање на лиценца јавните обвинители утврдија дека во сите предмети нема потполна и законита документација.“ – рече Коцевски.
За сегашниот министер за економија Коцевски појасни дека не е опфатен во истрагата, бидејќи немало ниеден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за издавање нова лиценца. „Министерот за економија е надлежен за издавање лиценци. Тоа што немало надѕор е задача на другите институции. Министерот нема задача да проверува дали во моментот на самото место има, или нема лиценца. Во конкретниот случај до министерот нема стигнато никаква документација за издавање лиценци, затоа не може да биде одговорен.“ – рече Коцевски.
Прашан конкретно кој член од законот го прекршиле осомничените министри за економија, обвинителот рече дека биле повредени членови на повеќе закони и подзаконски акти и дека во оваа фаза не може да открие, бидејќи, вели, се работи за предистражна постапка. „Освен Законот за угостителска дејност, тука имаме и Закон за инспекциски надзор, којшто не се почитува, Законот за заштита и спасување, понатаму имаме проценка на ризик, потоа има планови во однос на начинот на функционирање за издавање на тие лиценци. Сета документација требало да биде прибрана и врз основа на таа документација, министерот дава лиценца. Во конкретниот случај, за сите лиценци нема целосна документација. Сите осомничени министри за економија не ги почитувале законите, односно издале лиценци, кои немале потполна документација.“ – укажа државниот обвинител Коцевски.
Тој додаде дека во последните 10 години не е вршен инспекциски надѕор на ниту едно кабаре на територијата на државата. Во врска со конкретниот случај Коцевски нагласи дека објектот во Кочани не ѝ бил познат само на полицијата, туку и на целиот град и локалната самоуправа.
„Објектот ‘Пулс’ не бил познат само на полицијата, бил познат на целиот град. Бил познат и на локалната самоуправа, бил познат и на сите надлежни институции, кои што требало да функционираат. Што значи, 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надѕор на објектот.“ – подвлече Коцевски.
За двајцата поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, кои од претходно се истражуваат, обвинителот вели дека проверките продолжуваат, поради што нивниот мандат се врзува со период кога клубот работел со фалсификуваната лиценца. Коцевски вели дека не мора да значи, ако некој бил директор на Државниот пазарен инспекторат – ДПИ, дека има и директна одговорност, што не било случај и за Дирекцијата за заштита и спасување, бидејќи, како што рече, таму има суштински прописи при проучување одговорност и можна вмешаност токму кај раководната структура.
„Не мора да значи дека, ако бил директор, има и директна одговорност, за разлика од Дирекцијата за заштита и спасување, каде има суштински прописи при проучување на одговорност и можна вмешаност на лица од оваа институција, токму кај раководната структура на самата институција, за разлика од ДПИ. Она што имале должност да го преземат и да воспостават е систем на ефективна контрола и надзор, којшто е нарушен во секоја смисла.“ – нагласи Коцевски.






