Котлар: Кирил и Методиј ги вградиле јужномакедонските говори од Суха, Висока и Зарово, до Солун, во првата словенска азбука – глаголицата

„За нас Македонците, солунските браќа светите Кирил и Методиј се важни како основачи на првата словенска азбука – глаголицата, како учители и просветители. Во основата на глаголицата тие ги поставиле јужномакедонските говори од околината на градот Солун, од селата Сухо, Висока и Зарово. Во неа било вградено и стекнатото искуство на Методиј, а потоа и на Константин (Кирил), при управувањето на Стримонската склавинија – ‘словенско кнежевство’.“нагласува д-р Наташа Котлар, универзитетска професорка во Институтот за национална историја во Скопје, во објавата на својот фејсбук-профил.



Натаму, професорката Котлар истакнува: Биле составени и повеќе „книги на словенски јазик“, а во христијанска вера се воведени околу 54 илјади луѓе од кнежевството. Оваа мисија на браќата, позната како Брегалничка (845/855), сепак, не била доволна за да го спречи завладувачкиот пробив на Бугарите (хански) во македонските источни делови. Но, нивното наследство ќе оживее во текот на последните децении од IX и во почетокот на X век благодарение на работата на нивните ученици Климент и Наум. Тие од градот Охрид и неговата околина, создале средиште на словенското просветителство и христијанство – познатата Охридска книжевна школа, во која се образовале околу 3500 ученици.

Оваа високообразовна школа, прва во словенскиот свет, доследно се придржувала до изворната кирилометодиевска традиција, употребувајќи ја глаголската азбука во писменото општење. Во однос на сесловенскиот белег на мисионерската дејност на браќата Кирил и Методиј, клучна е нивната работа, што ја реализирале во словенското кнежевство Моравија, почнувајќи ја во 863 година. Но, нивното ширење на христијанското учење и описменување на средноевропско тло, особено среде словенските народи се одвивало со предизвици.

Затоа, настапувајќи против така наречените тријазичници, во познатата „Венецијанска беседа“  Кирил истакнал: „Не врне ли дожд од Бога еднакво над сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазици, а за сите други народи сакате да бидат глуви и слепи. Кажете ми дали го сметате Бога толку бесилен што да не може да го даде тоа, или толку завидлив. та да нејќе? А ние познаваме повеќе народи, што се вешти на книга и секој го слави Бога на својот јазик.“

Со ова Филозофот Кирил родум од Солун (Тесалоника) – „прв град на Македонците“ конечно ја афирмирал идеологијата за еднаквоста на јазиците и на народите како глобална цивилизациска придобивка на човештвото уште во 9 век! Имајќи го ова предвид, единаесет века подоцна англискиот славист Реџиналд де Бреј со право ќе забележи дека судбината на македонскиот јазик, кој три века бил општ јазик на сите Словени е да биде последен признат од сите словенски јазици (рецензија на „Граматика на македонскиот јазик“ од Круме Кепески).

Севкупната мисионерска и културна работа на браќата Кирил и Методиј им ги донела именувањата и епитетите „Еднакви на Апостолите“, „Апостоли на Словените“ и „Заштитници на Европа“. Почетокот на Моравската мисија – 24 мај (11 мај по стар ст.) 863 г., Црквата во XI век го прогласила, за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Чествувајќи го 24 Мај, оддаваме почит кон нивната севкупна мисионерска и културна работа.