Костова: Власта ја остави кошничката на граѓаните празна, трговците се збогатуваат

Во време кога животниот стандард на граѓаните е сериозно загрозен, а трошоците за живот се зголемуваат, СДСМ ја обвини Владата за неефикасни мерки и погрешни економски политики кои на крајот ги плаќаат обичните граѓани. Според партијата, ДПМНЕ не прифатила ниту еден од предложените мерки за подобрување на животниот стандард, вклучувајќи ги и законот за покачување на минималната плата, амандманите за зголемени плати и укинување на ДДВ за храна.



„ДПМНЕ не прифати ниту една наша предлог мерка за подобрување на животниот стандард. Со тоа, ги одбија нашите напори да им помогнеме на граѓаните во време кога нивниот економски стандард се влошува. Мицкоски и неговата влада наместо да понудат реални решенија, ги оставија граѓаните да се борат со растот на цените, додека трговците се збогатуваат“, вели Кристина Костова од СДСМ.

Трошоците за живот се значително зголемени, а според податоците на СДСМ, едно четиричлено семејство во моментов има потреба од 62.021 денар за да може да го покрие месечниот буџет, додека истовремено сметките за струја се зголемени за една третина во однос на минатата година.

„Не знаеме како, со минимална плата од 22.567 денари, дури и двајца членови на едно семејство можат да преживеат. Мицкоски треба да одговори на ова прашање, затоа што одговорноста за овие тешки економски услови лежи на него и неговата влада“, додава Костова.

Додека СДСМ продолжува да се бори за покачување на минималната плата, Мицкоски најави новогодишна кошничка со пониски цени на прехранбените производи, но како што велат од партијата, трговците имаат време да ги зголемат цените, оставувајќи ги граѓаните без реална корист.

„Јасно е дека кошничката на граѓаните ќе остане празна, додека трговците ќе ги наполнат своите каси. Владата треба да понуди конкретни мерки, а не празни ветувања“, вели Костова.